До ЕУ преку Будимпешта!

Каква иронија може да е животот. Кој би рекол дека нашата европска иднина од сега може да зависи од Никола Груевски! Уште не капирате!

Новата шефица на Европската Комисија, Урсула фон Дер Лејен, го соопшти тимот со кој ќе ја креираат европската политика во нареднот период. Еден од клучните ресори за нас, секако, е оној за проширување на Унијата. Досега на функцијата Комесар за проширување беше Австриецот Јоханес Хан со кого во текот на неговиот мандат некако се „упасиравме“ и добро ни тргна. Но, со промената на владејачката гарнитура на Унијата на оваа важна позиција доаѓа Угнарецот Ласло Трочани.

Трочани е многу близок соработник на премиерот Виктор Орбан. А Виктор Орбан пак е добар пријател со Никола Груевски! Замислете ситуација кога Орбан за време на заеднички ручек со Груевски му вели: „Никола, сега што правиме со овие, твоите? Да ги пуштам во ЕУ?“. А тој може да одговори патриотски: „Пуштај, нашите граѓани имаат право да бидат дел од Европа!“ Или ќе рече: „Никако, тие мене ме осудија, а јас ним ќе им лобирам за ЕУ. Може, само ако ме ослободат од обвинението, мене и сите од мојата партија и ако ги амнестираат сите патриоти кои завршија во затвор поради 27-априлските настани, ако на чело на СЈО застане мој човек што ќе го гони Заева и уште нешто што ќе ми текне додека ручаме“.

Ова е еден претпоставен дијалог кој не мора но, може да се случи меѓу двајца блиски политичари.
Но, ако ги оставиме настрана пријателските разговори и замислени ситуации, сепак,
дали тоа во праксата оди баш така и значи ли тоа дека ние одсега во ЕУ ќе одиме преку Будимпешта?

И да и не. Заради Трочани.

Освен што се смета за близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, тој беше и творец на новиот правосуден систем во земјата со кој беше ограничена моќта на судството. Како министер за правда, Трочани донесе серија закони кои ја донесоа Будимпешта во сериозен судир со Брисел, меѓу другите, и за криминализирање на невладините организации кои им помагаат на бегалците, како и за исфрлањето на Централниот Европски Универзитет на Сорос од Будимпешта.

Затоа назначувањето на Трочани наиде на бурни реакции и загриженост во европската политичка, но и експертска јавност.

„Новиот комесар на ЕУ за проширување, Ласло Трочани, не би требало да биде задолжен за тоа портфолио, оценува експертот за Балканот, Флоријан Бибер, од Универзитетот во Грац.
Како што вели тој, „Трочањи е соучесник на премиерот Виктор Орбан во демонтирањето на владеењето на правото во Унгарија“.

Сузана Вег, вонреден истражувач во ЕКФР, рече „доколку неговата номинација помине, тоа ќе им испрати лоша порака на земјите кандидати но и на придружните партнери, посочувајќи дека демократските вредности и принципите за кои ЕУ проповедаше всушност не се важни“.

Лоте Лехт, директорот на Управата за човекови права на ЕУ, вели дека номинацијата на Трочани е „срамота“, посочувајќи дека Унгарија доколку денес аплицира за членство во ЕУ, ќе се бори да ги докаже своите ингеренции за владеење на законот.

Ејмс Моран, вонреден соработник за истражувачки работи и поранешен амбасадор на ЕУ на Блискиот исток е помалку песимист. Тој за „Еуроњуз“ изјави дека Трочањи му е по функција подреден на Џозеф Борел, кандидат за шеф за надворешна политика на ЕУ и дека ќе работи по инструкциите на Борел.
„Очекувам дека тој ќе има ограничено влијание “, рече Моран.

Во меѓувреме, Трочани на Твитер објави дека „ќе работи во корист на соседството на ЕУ.“ Трочани не го споменалл проширувањето, со што го отвора прашањето дали пристапувањето кон преостанатите аспиранти на ЕУ во Западен Балкан ќе биде високо на неговиот список на приоритети за време на неговиот потенцијален мандат.

За разлика од него, на прес-конференцијата во вторникот, по објавувањето на кандидатите за комисии, Урсула фон дер Лејен изјави дека „Западен Балкан е многу важен“ и дека сака земјите од регионот да бидат „што е можно поблиску до Европската Унија“.

Трочани, како кандидат за комесар за европска политика за соседство и преговори за проширување, добил „писмо за неговата мисија“ од Урсула фон дер Лејен во кое се опишуваат обврските на Трочани, доколку тој некогаш биде потврден. Тој би требало „да го одржи и забрза напредокот преку проценка заснована врз заслуги за секоја земја-кандидат“, поточно Северна Македонија и Република Албанија.

Работата на Трочани ќе значи „работа на забрзување на структурните и институционалните реформи, со силен фокус на основите на владеењето на правото, економскиот развој и реформите во јавната администрација. Тој треба да ги поддржи сите напори во борбата против корупцијата низ целиот регион и да ги поддржи сите напори за добрососедство и решавање на билатералните спорови. ”

Унгарскиот Комесар е последната личност на која треба да му се довери било која од одговорностите наведени погоре. Матните политички активности на Виктор Орбан во Северна Македонија, вклучително и давање политички азил на поранешниот премиер Никола Груевски, кој беше осуден за корупција и неговата активна кампања во име на Груевски против сегашниот премиер, Зоран Заев, за кој се смета дека е западно ориентиран политичар со сериозни планови за правни и административни реформи, треба да биде доволно за да стави вето на ваквото назначување. Премногу тесните врски на сегашната влада со Русија и затегнатите односи со Украина се дооволна причина да го преиспитаат ова назначување, пишува „Хунгариан спектрум“ во својата анализа за Трочани.

Ако сè оди непречено за фон дер Лејен, новите назначувања на Европската комисија треба да бидат потврдени најдоцна до почетокот на ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот