До ЕСЧП поднесени 385 барања од граѓани на Македонија

Фото: Профимедиа

Од 1 јули годинава до Европскиот суд за човекови права во Стразбур биле поднесени вкупно 385 барања од граѓани од Северна Македонија,  рече директорот на Програма за владеење на правото во ЈИЕ на Фондацијата „Конард Аденауер”, Хартмут Ранк на денешниот експертски состанок на тема „Европските стандарди во полето на човекови права – Извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Според него, оваа бројката и не звучи алармантно ако ги имаме предвид бројот на илјадниците барања поднесени до ЕСЧП од другите држави. Но, бројката е алармантна доколку се спореди со бројот на поднесени барања од други земји по број на жители.

-Во 2018 година донесени се вкупно 12 одлуки од ЕСЧП против во тоа време БЈРМ, сега Северна Македонија и  во кои најмалку едно право на граѓанинот било прекршено, рече Ранк. Додаде дека постојат две групи кои се тема на овие барања, а тоа се примена на насилство при постапувањето на безбедносните служби – полицијата и водењето на постапка на неправеден начин.

Ранк во оваа прилика побара од учесниците на состанокот да му одговорат зошто има толку одлуки што не се спроведени во држава и каде е проблемот за тоа.

Владиниот агент за застапување пред ЕСЧП, Даница Џонова посочи дека Бирото за застапување со години наназад се соочува со проблеми при обезбедување на спрегата помеѓу ЕСЧП, националните институции и Комитетот на министри, кој го врши надзорот над извршувањето на пресудите.

-Проблемот првенствено лежи од недоволното разбирање на позицијата на агентот. Не често дури и институциите не ја разбираат нашата улога кога доаѓа процесот на извршување на пресудите, додека пак луѓето надвор од институциите проблемот со неизвршувањето и големото заостанување на предмети под надзор на Комитетот на министри го лоцираат во Бирото за застапување или помеѓу ова Биро и Меѓуресорската комисија за извршување на пресудите – рече Џонова.

Во контекст на тоа, додаде дека и едното и другото се погрешни тези, затоа што Бирото ја има улогата на координатор во процесот на извршување и за него е резервирана комуникацијата меѓу државата и Комитетот на министри, но оти извршувањето на пресудите на ЕСЧП е обврска на сите институции во системот. Џонова како проблем при извршувањето на пресудите ги посочи отсуството на динамика во преземањето на конкретни активности, како и малиот кадар со кој располага Бирото за застапување.

-Ние традиционално години наназад завршуваме во топ 10 држави од вкупно 47 држави членки на Советот на Европа по број на поднесени апликации по глава на жител, што значи дека состојбите не се нови, односно традицијата продолжува – рече Џонова.

Според неа, тоа реално многу загрижува зашто има огромен бројот на т.н. повторувачки случаи.

-Државата под надзор на Комитетот на министри во извршување има вкупно 42 пресуди. Од овие водечки се 17, што значи дека поголемиот број се повторувачки, седум од вкупниот број на овие пресуди се реално под зајакнат надзор – рече таа.

Правејќи ретроспектива на извршувањето на пресудите, Џонова рече дека 2016 година е нашето најголемо достигнување, односно дека во оваа година успеавме како држава пред Комитетот на министри да затвориме 79 предмети  кои беа под надзор на извршувањето.

Во контекст на тоа, додаде дека во најголем број на овие предмети има констатирано повреда на правото на судење во разумен рок, а во некои од нив отсуство на домашен ефикасен правен лек за заштита на ова право.

За да се надминат овие состојби, Џонова посочи дека се неопходни измени во Кривичниот законик и во Законот за кривична постапка, но како што додаде, тоа најверојатно ќе се пролонгира поради закажаните парламентарни избори.

Универзитетскиот професор Јелена Ристиќ истакна дека извршувањето на одлуките на ЕСЧП е круна на процесот, затоа што ефективноста секогаш се мери со крајниот резултат, а не со самото донесување на  одлуката на ЕСЧП. Според неа, генерално проблеметично е извршувањето на општи мерки, кои се однесуваат на обврските на државата да превенира слични повреди на Европската Конвенција за човекови права, затоа што тоа бара најчесто законски измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот