До 30 јуни продолжува рокот за заинтересираните доктори за работа во ПЗЗ

Лекари / Фото: МИА

Министерство за здравство информира дека јавниот повик за изразување на интерес за работа на доктори на медицина во примарна здравствена заштита (ПЗЗ) во здравствен дом, се продолжува до 30 јуни 2019 година.

Ги повикуваме заинтересираните доктори на медицина со лиценца за работа во ПЗЗ да се пријават и да достават писмо за интерес до Министерството за здравство, со цел да се обезбеди можност за работа во траење од шест месеци.

Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/19) докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом, како еден од условите за запишување на специјализација.

Овој услов е задолжителен за сите здравствени работници со високо образование од областа на медицината – доктори на медицина кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај 2019 година согласно Законот за дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 101/19). Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа.

Работата во траење од шест месеци ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.

Со стекнување искуство и со добивање шанса за работа ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Со овие мерки, веруваме дека ќе ги задржиме нашите лекари да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе.

За пријавување на јавниот повик потребно е да се достави писмо за интерес, во кое е задолжително да се наведат: име и презиме, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта (мејл-адреса), копија од лиценцата за работа и да ја наведат јавната здравствена установа за која изразуваат интерес според местото на живеење на заинтересираниот кандидат.

Пријавата, заедно со документацијата потребно е да се достават во Министерството за здравство, ул. „50-та Дивизија“ бр.14, 1000 Скопје, најдоцна до 30 јуни, со назнака: ЈАВЕН ПОВИК за изразување интерес за работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот