Дневен ред на 29-та собраниска седница: Законот за попис на гласање пред пратениците

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29-та седница на која се очекува да се гласа за Предлог законот за попис на населението, на домаќинства и на становите во Република Северна Македонија во 2021 година.

Расправата за Предлог законот во Собранието, со кој треба да се овозможи да се спроведе попис во државава по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница што ќе биде дополнително закажано.

Освен владејачката коалиција, поддршка за законот најавија и од албанската опозиција, Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот. Се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно

– СДСМ и другите коалициски партнери остануваат целосно посветени на успешното спроведување на пописот, на неговата афирмација во делот на спроведувањето и на негова поддршка. Тоа се однесува на поддршка не само на политичката партија ДУИ, туку и на претставниците во Парламентот, во Владата и во институциите и на крајот, со апел кон сите граѓани за поддршка на самиот попис. Убеден сум дека ќе имаме статистичка операција која на крајот ќе ги покаже податоците што ќе бидат релевантни, стопроцентно точни и ќе ни помогнат за креирање на многу економски политики, рамномерен регионален развој, соодветни политики во сите сектори, образование, култура, здравствена заштита, рече Заев на прес-конференција во Владата

На дневен ред на продолжението на 29-та седница на Собранието се и Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, Предлог на законите за изменување и дополнување на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство,  сите по  скратена постапка.

Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за библиотеките, Предлог законот за изменување и дополнување на Законoт за заштита на културното наследство, како и Предлог законот за Агенцијата за разузнавање, по скратена постапка, исто така се дел од точките на 29. седница на Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот