Длабока, но лесно разбирлива e поезијата на поетесата Љубинка Донева

Битолскиот книжевен круг ја објави книгата „Сезона на пелинот“ од поетесата Љубинка Донева. Рецензентки на книгата се Даниела Андоновска – Трајковска и Лилјана Пандева.

Според Пандева, поезијата на Донева е длабока, но лесно разбирлива. „Колку е големо фармацевтското поле на истражување на пелинот уште поголема е неговата метафора што Донева маестрално ја користи, а ја затскрива зад зборовите, зад стиховите, зад песните. Когнитивното се спојува со чувственото во оваа поезија благодарение на умешното, волшебното користење на секој збор, македонски збор, некој веќе и помалку заборавен, но не и исчезнат, што само го чека вистинското време за повторно да се појави“, напиша Пандева.

Рецензентката Даниела Андоновска-Трајковска забележува дека книгата на Донева содржи „исклучително силна, емоционално напната и рефлексивно опоменувачка и освестувачка поезија, која има за цел да го протресе за рамениците целото човештво, кое брзајќи да се стигне себеси и да се изедначи со Бог, предизвикува тектонско пореметување на концептот на животот, воопшто, бидејќи се слави и се велича тоа што е гнило и пакосно, тоа што нѐ разболува и нѐ прави слаби на пороци, тоа што требало да го искорнеме од себе како плевел за да може да ни расте душата ослободена и во љубов“.

Љубинка Донева (1952, с. Соколарци) е долгогодишен професор по македонски јазик и литература. Таа е поетеса, писател за деца, книжевен критичар, лексикограф, а објавува и во македонската периодика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 100, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-11 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот