ДКСК ги потсети сите новоизбрани градоначалници и советници за одредбите од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси

Билјана Ивановска ДКСК
Билјана Ивановска / Фото: МИА

Државната комисија за спречување на корупција ги потсетува сите новоизбрани советници, градоначалници и функционери за одредбите од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, како и дека при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, партиски и етнички интереси.

Непочитувањето на сите обврски и забрани од Законот за спречување на корупција и судир на интереси претставуваат прекршок и за истите се изрекува одредена прекршочна санкција, односно јавна опомена.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на денешната 54. седница, укажа на начелото на интегритет и обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а во случај на постоење на сомневање на судир на интереси се должни да побараат мислење од ДКСК.

– Избраните градоначалници и членови на Совет на општина, односно на Град Скопје, имаат обврска за поднесување на изјава за имотна состојба и судир на интереси, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот. Градоначалниците или членовите на совет на кои функцијата им престанала, исто така, имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба или судир на интереси најдоцна во рок од 30 дена, од денот на престанување на функцијата. Градоначалниците или членовите на совет се должни во рок од 30 дена да го пријават секое зголемување на нивниот имот, односно имотот на членовите на нивното семејство во вредност што надминува 20 просечни плати во претходниот тримесечен период, изјави Ивановска.

Градоначалник или член на Совет на општина, нагласи Ивановска, не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавни претпријатија, агенции, фондови и сите други правни лица со доминантен државен капитал, освен ако со закон не е поинаку утврдено.

ДКСК, на продолжението на денешната 54-та седница, разгледа и одлучи по повеќе предмети, меѓу кои и за договорот за снимање со дрон на шумски површини во скопската котлина за рана детекција на растителни болести од страна на Град Скопје, а каде е ангажирана фирмата на партнерот на министерката за образовани и наука.

Катица Николовска, член на ДКСК, појасни дека за предметот имало доста реакции во јавноста и дека се обратиле до Град Скопје за добивање на целокупната документација за изборот на фирмата.

– Постапката е спроведена согласно Законот за јавни набавки. Објавена е и планирана со годишниот план за јавни набавки. Спроведени се сите постапки преку електронскиот систем. Се јавил само еден кандидат. Склучен е договорот и реализиран е во рамки на планираните средства. Наводите во јавноста дека фирмата е избрана со влијание на министерката не се потврдени. Постапувањето по предметот се запира, изјави Николовска.

ДКСК, исто така, го разгледа и предметот за 280 вработувања во АД „Пошти“, за кој констатира дека не се потврдиле наводите дека се вршат партиски вработувања пред избори.

– Вработувањата биле предвидени уште во претходната година да се реализираат, на крајот на 2019 година, меѓутоа со распишување на предвремените парламентарни избори сите постапки се ставаат во мирување. Со планот за вработување се предвидени 230 нови вработувања и обезбедени се средства во финансискиот план на акционерското друштво. Сето тоа е јавно и транспарентно објавено. Формирана е комисија и сето тоа е потврдено со одлуки на Управен одбор. Така што, наводите дека се вршат партиски вработувања пред избори не се потврдуваат и предлагам постапувањето на комисијата да запре, изјави Николовска.

ДКСК на денешната седница, исто така, разгледа и отфрли повеќе пријави од граѓани, поради неоснованост или ненадлежност.

Извор: МИА

Видео на денот