Дивоградбите во Охрид се „културно“ наследство од многу влади

Фото: Слободен печат

Државата е подготвена да ѝ помогне на Општина Охрид во справувањето со дивоградбите на нејзината територија и ќе го стори тоа веднаш штом охридската локална самоуправа официјално ќе се обрати за помош до Владата, вели за „Слободен печат“ министерот за дијаспора Едмонд Адеми. Тој беше дел од делегацијата во Баку минатата седмица каде што Охрид успеа до февруари да го задржи статусот на УНЕСКО на заштитено светско културно и природно наследство.

– Премиерот Зоран Заев веќе најави дека државата ќе ѝ помогне на Општината доколку се утврди дека таа не може сама да ги исполни препораките на УНЕСКО за справување со бесправно изградените објекти. На седницата од 11 јуни Владата донесе серија заклучоци со задачи за Министерството за култура, Министерството за животна средина и за други институции со конкретни рокови за исполнување. Формирано е владино координативно тело на чело со вицепремиерот Кочо Анѓушев, кое на највисоко ниво ќе го координира целиот процес за исполнување на овие заклучоци – вели Адеми.

Тој додаде дека оваа влада досега им помогнала на повеќе локални самоуправи во решавањето на разни проблеми и исто така ќе ѝ помогне и на Општина Охрид.

Виновни се сите влади

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, завчера соопшти дека Општината не може да се справи сама со овој проблем, затоа што има на располагање само еден градежен инспектор и вкупно 1,5 милион денари за отстранување бесправно изградени објекти.

– Охрид не е само на охриѓани, Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите што со години наназад се извадени од колосек – изјави тој.

Според Георгиевски, УНЕСКО не бара да бидат урнати 409 дивоградби во заштитените зони, затоа што тоа е невозможно, туку да се процени како тие влијаат врз околината. Потоа, оние објекти што влијаат негативно треба да бидат урнати, а според градоначалникот, такви се десетина поголеми дивоградби што влијаат лошо врз заштитените подрачја.

– Сите постапки во наредниот период ќе се одвиваат во согласност со сите законски процедури, транспарентно, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана. Комисии на УНЕСКО го посетувале Охридскиот регион во 1998 година, во 2013 и во 2017 година и во сите мисии се нотирани забелешки и препораки по кои сите влади досега, без исклучок, не постапувале соодветно. Тоа резултираше со предлогот од Комитетот за светско наследство Охридско-струшкиот регион да се стави на листата на светско наследство во опасност – рече Георгиевски.

Тој најави дека Општината чекор по чекор ќе ги решава забелешките од УНЕСКО и ќе ги поправа грешките од минатото, свесен дека, како што рече, ништо нема да се случи преку ноќ, ниту ова ќе биде едноставен процес.

– Посветеноста моја како градоначалник и на Владата е целосна и недвосмислена, сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид, туку и функционирањето на политичкиот систем на државата – рече тој.

Општина Охрид минатиот месец извести дека пребројала 1.076 дивоградби, од кои дури 409 се во заштитниот појас, односно на езерското крајбрежје, во потегот на Националниот парк „Галичица“ и во стариот дел на градот. Од овие 409 дивоградби, 80 се апартмани, сместувачки капацитети и куќи.

Нов закон за заштита на Охридско

Во Собранието од вчера почна процедурата за донесување на новиот закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион. Според предлагачот, односно Владата, со овој закон ќе се создадат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство да се спречат активности кои негативно влијаат врз  исклучителните универзални вредности на Охридскиот регион.

Целите на законот се да се создадат услови за заштита, популаризација и унапредување на состојбата со природното и културното наследство, да се пренесат неговите исклучителни вредности на идните генерации, да се спроведуваат научни истражувања и да се создадат услови за одржлив развој на државата и на општините Охрид, Струга и Дебрца. Исто така, целите на овој закон се да се спречат активности што негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство, како и да се вклучат Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца во меѓународниот систем на соработка и помош.

Ќе биде формиран Совет за следење и координација, за чија работа како надоместок од буџетот ќе се издвојат 840 илјади денари. Во овој совет ќе има 15 члена од Владата, министерствата за животна средина, за култура, за политички систем, претставници од Управата за заштита на спомениците, од локалните самоуправи, од граѓанските организации, од Хидробиолошкиот завод и од НП Галичица. Советот ќе треба да донесе план за управување со регионот, во кој ќе бидат пропишани сите мерки за заштита и унапредување на природното и културното богатство.

Според Адеми, ова тело ќе биде меѓународно, односно ќе има членови од Македонија и од Албанија, затоа што сега границите за заштита се проширени и на албанската страна од Охридското Езеро.

Со новиот закон ќе се забрани секаква активност што може да влијае и да ги доведе во опасност исклучителните вредности на природното и културното наследство, а надлежните органи може да определат разни мерки за управување, општи забрани и режим на заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот