„Дивјаците“ од „Диво насеље“

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Ако успеете да се апстрахирате – што воопшто не е лесно – од вистинското „дивеење“ на осудените од случајот „Диво насеље“ на јавната седница во судницата на Апелација по повод нивните жалби заради пресудите со кои, во ноември 2017 година, добија меѓу 12 години и доживотни затворски робии во финалето на судскиот процес за најтешкиот безбедносен инцидент во Македонија по 2001 година; значи, ако вложите значителен напор и за момент заборавите на навредите и дрскиот бараж од национал-шовинистички ирационалности што овие првостепено осудени бандити ги упатија кон Судот и кон самата македонска држава… тогаш она што се слушна во (и вон) судницата за самите драматични и трагични настани во Куманово на 9 мај 2015 година воопшто не е за потценување.

Ништо од тоа, можеби, нема да ја намали вината на осудените, по чии жалби сега се расправа, но нивниот „агол на гледање“ секако фрла големо светло врз неопходноста, врз правната нужност од „второ полувреме“ од овој смртно сериозен дебакл на македонскиот безбедносен систем којшто, како што ќе се испостави, беше само една крвава најава, своевидна неуспешна „генерална проба“ за она што ќе уследи на 27 април 2016 година со познатиот обид за државен удар во Собранието на РСМ.

За да скратам прераскажувања, цитирам од новинарските извештаи (овој го превземам од колегите од Плусинфо): „Во заедничката изјава која сакаа да ја прочитаат, а судот не им дозволи, обвинетите бараат од премиерот Зоран Заев да ги изнесе доказите дека овој случај е политички монтиран, дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тврдат дека во Диво Насеље планот бил да ги убијат на спиење. Наведуваат дека во телефонски разговор Артан Груби и Али Ахмети ги прелажале дека можат да се предадат со посредство на ОБСЕ. Осудените бараат и целата снимка од полициската акција да се види, бидејќи тврдат дека командантите Бег Ризај и Мирсад Ндрецај биле убиени откако ѝ се предале на полицијата. Тие бараат да сведочат и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Стојанче Ангелов, Ѓорѓе Иванов, Али Ахмети, Муса Џафери, Бекир Асани, Садула Дураку, Митко Чавков, Ариф Асани заменик директор на УБК, Бесир Дехари заменик директор на БЈБ и други функционери на ДУИ во претходната влада“…

Од денешна дистанца е уште појасно она што и пред четири години не беше тешко да се заклучи по „малата војна“ во „Диво насеље“, а тоа е дека целата подготовка на настаните е правена со некаков вид инспирација и асистенција на безбедносни и политички структури во Македонија како обид со безбедносна криза да се замени политичката, започната неколку месеци пред тоа со објавувањето на „бомбите“, а што ќе доведе до драматичниот пад на Фамилијата од власт.

Факт е дека во МВР, ни по падот на Груевски, никој не спроведе сериозна истрага за тоа полициско фијаско во кое загинаа 8, а беа тешко повредени неколку дузини полициски специјалци. Овој комплексен кривично-правен настан, со големи заканувачки политички последици, никој сериозно не го третира ниту во Јавното обвинителство од аспект на сомневањата за неговата инспирација, планирање и за самата изведба од страна на македонската држава, а којзнае каде во СЈО се „потонати“ прислушуваните и следените комуникации во врска со овој скандал во релеватниот период пред, за време и по целата драма.

Да не беа Американците – се сеќавате? – и Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков, без трунка грижа на совест, ќе продолжеа да си ги вршат функциите преку кои, за монструозните потреби на Фамилијата, се зароби, се зема како заложник целата држава и сите нејзини граѓани.

Се разбира дека и денеска ВМРО-ДПМНЕ, пропагандно распенавено и за најмал пропуст на сегашната власт, не ни размислува и од овој дел од својата срамна партиска историја да се дистанцира. Напротив, во своето политичко и морално лицемерие тие и за оваа трагедија го слават пребеганиот публицист во Будимпешта.

Што се однесува до ДУИ, пак, таму историјата и по ова прашање не е завршена. Таму канонот, кога-тогаш, ќе ги стигне.

Според тоа, списокот на вистинските „дивјаци“ од „Диво насеље“ ни од далеку не е правно комплетиран. Јасно е дека овој македонски правосуден систем нема да биде во состојба и нив да ги процесуира, но барем имаме шанса во Апелација да чуеме верзии од тој дел од приказната преку жалбите на веќе осудените насилници. Тие, без разлика на нивните гневни провокации во судницата, не ми се чинат помалку веродостојни сведоштва од аргументите на половично завршената работа на Обвинителството и во овој случај.

Макар колку да не се заборави.

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот