Дива депонија го загрозува бунарскиот систем Нерези – Лепенец, одговорни нема

Дива депонија Нерези/ Фото СП

Градежен шут, вреќи со ѓубре, остатоци од реновирање по дома, гуми и различни други ѓубришта се исфрлени на дивата депонија во близина на првата заштитна зона на бунарскиот систем Нерези – Лепенец.

Фотографиите од депонијата ги објавија „Независни од Карпош – за заштита на Карпош“, од каде посочуваат дека уште пред три месеци алармирале за очајната состојба на овој простор, но дека за оваа сотојба никој од надлежните не се нашол одговорен. Според нив, депонијата веднаш до мостот и натаму си стои, но формирана е и нова во близина на поранешната фирма АДГ АБ Скопје.

– Неколку пати му посочивме на градоначалникот за депонијава, одговорот беше – инспекторите не можеле да казнуваат таму, опасно било, имале закани. Еве ние, 30 минути сликавме и немавме никаков проблем. Камери си има на 50 метри, ама очигледно ова не е криминал за (не)надлежните – информираат на социјалните мрежи од „Независни од Карпош – за заштита на Карпош“

Тие велат дека побарале измени во Буџетот за да се обезбедат средства за проект за зафаќање и спроведување на непрочистените отпадни води од испустите во реките Вардар и Лепенец во втората заштитна зона на бунарскиот систем Нерези-Лепенец, но советниците го одбиле предлогот со образложение дека овој проблем е во надлежност на Град Скопје.

– Но амандманот на колегите од ВМРО-ДПМНЕ за изготвување почетен проект за санација и ремедијација на втората заштитна зона на бунарското подрачје Лепенец – Вардар во Карпош 4 го прифатија, што е во ред и ние го гласавме. Сепак, ако целта навистина е заштита од загадување на водата за пиење на бунарите на бунарското подрачје Лепенец-Вардар во Карпош 4, тогаш не треба да затвораме очи за состојбата преку Вардар, зошто овде азабестните кровови сè уште не се закопани – велат од „Независни од Карпош – за заштита на Карпош“, кои имаат две советнички во Советот на Општина Карпош.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот