Дискографско-поетски проект: „Проста и строга македонска песна“ е трајна вредност на македонската култура

Во годината кога бележиме 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 40 години откако „Југотон“ ја објави грамофонската плоча „Проста и строга македонска песна“ дискографската куќа „Кроација рекордс“ по повод 30-годишнината од независноста на Македонија на компакт-диск ја реобјави поезијата на Блаже Конески со истиот наслов „Проста и строга македонска песна“.

Компакт-дискот, како ексклузивен подарок, ќе го добие секој читател на викенд-изданието на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021 година.

Пишува: Иван Антоновски

Неостварливо е само кусо, со неколку реченици да се искаже големината на влогот што Блаже Конески го оствари во македонската култура, како средишен столб на македонската културна ренесанса на минатото столетие. Оти, неспорен е фактот дека во 20 век нема друг поединец којшто остварил влог во својата национална култура еднаков или поголем од влогот на Конески во македонската – влог којшто едновремено и значајно ги надминува националните меѓници во однос на лингвистиката, книжевноста и културата, воопшто.

Досегашното одбележување на стогодишнината од неговото раѓање, преку низата достоинствени настани, уште еднаш укажа на потребата и можноста од нови исчитувања, анализи и вреднувања на опусот на Конески, бидејќи поради неговата волуменозност, сѐ уште не се исцрпени и целосно истражувачки елаборирани бројни аспекти и сегменти преку коишто заслужува да се оствари неговата темелна валоризација.

Сознанието дека во форма на компакт-диск се случи реиздание на плочата „Проста и строга македонска песна“ е како мелем на рана. Потфатот на Иван Беќковиќ, оваа антологиска плоча одново да биде издадена, на носач на звук на нашето време, сепак, делумно ќе успее да го надомести недостигот од книги на книжарските (а за жал, и на библиотечните) полици. И не само тоа, туку исклучително важно – преку издание на „Слободен печат“ ќе овозможи, одново, поезијата на Конески да биде во секој македонски дом. Онаму каде што заслужува (и има) место на културна реликвија.

Поезијата на Конески, преку ваквото издание, нема да биде „книжевност на метар“, којашто првенствено е декорација на домовите (како што неретко се случуваше со некои едиции), туку пред сѐ, ќе биде жива реч! Мултимедијално, со неа, поетскиот глас на Конески уште повеќе ќе одекнува во македонскиот културен простор, надоврзувајќи се и на бројните музички проекти од изминатите децении, коишто потврдија дека неговото поетско творештво, како ретко кое друго е инспирација за (пре)создавање и творечко промислување.

За љубов на вистината, како што би рекол самиот Конески, мора да се нагласи дека ова издание на „Проста и строга македонска песна“, во форма на компакт-диск е придонес и во дигитализацијата на дел од највредното од создаденото во македонската култура во минатиот век. И се случува во вистинско време – во време кога прашањето за дигитализацијата на културното наследство, со секој нов ден, станува сѐ поактуелно. Во едно такво време, преку овој диск, и генерациите коишто Конески имаат можност да го запознаат само преку неговото дело, ќе можат и да го слушнат неговиот глас, како и гласот на Цветанка Трпкова, со музичката подлога на Љубомир Бранѓолица.

Неспорно, „парчиња“ од оваа плоча, може да се најдат и ваму-таму во големиот интернетски простор, но само во ваква целосна форма, одново, во една нова фаза ќе заживее проектот во којшто и самиот Конески учествувал пред 40 години. Овој компакт-диск ќе се издвои и како позитивен пример како со дигитализацијата, не само да го заштитиме, туку и да го афирмираме и да го направиме подостапно она што е високо на македонската естетска вертикала. Чинам, допрва ќе го сфатиме тоа што ќе можеме стиховите на Конески (одново) да ги доживуваме и интерпретираме и преку ваквата – звучна книга.

Ама, не помалку важно е и што овој компакт-диск ќе треба да биде нов предизвик и за македонската книжевна наука. Зошто го нагласувам ова? Затоа што плочата „Проста и строга македонска песна“ е најмалиот по обем избор од поезијата на Конески, а се чини дека и самиот тој има учествувано при подготовката на изборот. Во изборот се поместени и песни коишто ретко ги коментираме и на коишто ретко им се навраќаме, песни коишто досега не биле застапени во поетските антологии, а сигурно има не една причина зошто Конески инсистирал или прифатил токму тие да бидат дел од ваквиот формат. Сите тие, како да се дел од она што Атанас Вангелов би го нарекол – лирска биографија на Конески. Овој компакт-диск ќе нѐ натера одново да ги исчитаме. Да го исчитаме и она што е напишано меѓу стиховите и дури тогаш ќе ги разбереме причините зошто тие се дел од овој избор, којшто треба да го надградиме со дел од она што Конески го напиша од 1981 до 1993 година. Уште една потврда дека има уште многу што да се исчита и истражи во опусот на Конески.

Но, за новото издание на „Проста и строга македонска песна“ и допрва ќе треба да коментираме и пишуваме. Денот кога ова издание може да го има во секој македонски дом, за мене е празник, на којшто секој македонски дом ќе добие реликвија од македонската култура – реликвија којашто ќе треба да им ја оставиме во наследство на генерациите што ќе дојдат по нас. Оти „Проста и строга македонска песна“ е трајна вредност на македонската култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот