Директорот на службата за разузнавање на Грција и генералниот секретар на грчката Влада поднесоа оставки

Директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) Панајотис Кондолеон и генералниот секретар на грчката Влада Григорис Димитриадис денеска ги доставија нивните оставки до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој ги прифати, а опозициските партии оставките ги поврзуваат со случајот со прислушкувањата во земјата.

Директорот на службата за разузнавање Кондолеон, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, поднел оставка поради „погрешните постапки во процесот на легалните следења”, а на негово место доаѓа досегашниот генерален секретар во Министерството за надворешни работи Темистоклис Демирис.

Помалку од еден час пред оставката на Кондолеон, оставка си поднесе и генералниот секретар на Владата Димитриадис, кој е внук на Мицотакис и негов близок соработник, а од кабинетот на грчкиот премиер не ги соопштија причините или деталите за оставката.

Извори од Владата за грчките медиуми објасниле дека оставката е поради „токсичната клима создадена околу името на Димитриадис” и нема никаква врска со софтверот за следење мобилни телефони „Предатор” со кој не се поврзани ниту тој, ниту Владата.

Лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас вели дека оставката на Димитриадис, „по откривањето на скандалот со прислушкувањата е признавање на вина” и „не ја негира одговорноста на самиот премиер, туку напротив ја потврдува”.

-Во некој момент, господинот Мицотакис мора да му даде објаснувања на грчкиот народ, рече Ципрас додавајќи дека е прашање што се однесува на демократијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот