Директорот на Мастерсот во Мајами го кани Ѓоковиќ: Новак не е криминалец

Новак Ѓоковиќ е добредојден на Мастерсот во Мајами/ фото: EPA-EFE/DIEGO FEDELE

Директорот на мастерс турнирот во Мајами, Џејмс Блејк му порача на Новак Ѓоковиќ дека е добредојден на Флорида. Турнирот од серијата 1000 во Мајами треба да се игра од 21. март до 3. април, и Блејк сака на него да учествува и првиот тенисер на АТП ранг-листата, Новак Ѓоковиќ како и Рожер Федерер и Рафаел Надал.

– Се што сакаме е во Мајами да се појават Рожер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Да, Ѓоковиќ. Не се согласувам со неговиот став околу вакцинацијата против коронавирусот, тој одлучи да биде еден од тројцата тенисери од топ 100 кои се невакцинирани и плаќа висока цена поради тоа Но, од друга страна, тоа што му се случуваше во Австралија е за секоја критика. Ѓоковиќ не е криминалец, тој има свој став кон вакцинацијата. Не се сомневам дека неговиот имиџ е нарушен, но исто така го сметам за еден од најпаметните тенисери и тоа го покажа во многу наврати – изјави Блејк.

Поранешниот американски тенисер не може да го разбере однесувањето на австралиските власти кон најдобриот светски тенисер кој беше протеран од земјата и остана без можност да ја брани титулата на Австралија Опен.

– Многу луѓе се незадоволни од Ѓоковиќ во последно време по фијаското со визата и неговата депортација од Австралија. Нема сомнежи дека дел од вината е и кај него, како и кај австралиската влада поради лошото постапување во ситуацијата која им изелзе од контрола. Беше тажно да се гледаат ТВ камерите и папараците како го опкружуваат автомобилот во кој беше Новак додека одеше на сослушување и да се гледаат неговите мрачни фотографии од задното седиште како да е криминалец – објаснува Џејмс Блејк.

Австралиската влада два пати му ја укина визата на Новак Ѓоковиќ по што тенисерот два пати вложи жалба на суд. Првата жалба му беше прифатена од федерален судија и му беше вратена визата. Но, по одлуката министерот за имиграција Алекс Хок повторно да му ја укине визата, врховниот суд одлучи да не ја прифати жалбата на адвокатскиот тим на српскиот тенисер и ја потврди одлуката на министерот за депортација на Ѓоковиќ.

Поради тоа, Новак Ѓоковиќ првиот официјален настап во 2022 година ќе го има на АТП турнирот од серијата 500 во Дубаи кој треба да се игра од 14 до 26 февруари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот