Директорот на Австралија Опен ги разреши дилемите: Кога си најдобар, добиваш подобри услови
Директорот на Австралија Опен, Крег Тили изјави дека организирал видео конференција со тенисерите и тенисерките поради строгиот карантин кој го наметна Владата.
– Можеа да не прашаат што сакаат, да се пожалат на условите, на било што. Бевме тука како тим и имаше големи удари за нас, но и комплименти. Тоа што највеќе ме погоди и кога играчите на социјалните мрежи својот гнев го насочуваат на луѓето од Мелбурн, на нашата заедница. Не го правете тоа, нападнете ме мене. Со таквите напади не се решава проблемот – изјави Тили.
Тили уште еднаш објасни зашто најдобрите тројца тенисери и тенисерки на АТП и ВТА ранг листите се наоѓаат во карантин во Аделаида, каде ќе имаат егзибициски турнир пред стартот на АТП Купот и грен слем турнирот во Мелбурн.
– Добив впечаток дека останатите играчи го гледаат како привилегиран третман, но тоа се најдобрите играчи на светот. Моето генерално правило е дека доколку си на врвот, доколку си грен слем шампион, тоа е нормално и ќе добиеш подобар договор – вели Тили.
Тој исто така изјави дека по почетниот шок кој го имаа играчите, ја прифатија новата реалност за задолжителен карантин и се обидуваат да се адаптираат на новите услови.
– Нормално дека во предност се тие што сега можат да тренираат, разликата е голема. Кога ќе заврши карантинот, тие играчи што се во хотелските соби, ќе имаат приоритет кога станува збор за распоредот, терените за тренинзи е сето останато – рече директорот на Австралија опен.