Директорката на „Козле“: Не ни треба партиско-медиумски публицитет
Од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, реагираат на изјавата на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска и тврдат дека клиниката има комплетен тим за изведување на бронхоскопија со соодветна стручност на највисоко ниво за проблематиката која се работи таму.
Во тимот е бронхоскопист-орл специјалист кој е со докажани успеси со децении наназад. Материјали за бронхоскопија има и се набавуваат согласно потребите на клиниката. Нема застој во ниеден оддел или сектор во клиниката и се функционира како и претходно во нормални услови за работа. Универзитетската клиника уште еднаш укажува дека заради специфичната дејност која ја обавува и е во интерес на пациентите, не ни е потребен партиско-медиумски негативен публицитет. Исто така ја уверуваме јавноста дека секогаш и во секој поглед, стручниот тим на лекари е подготвен да реагира на највиско ниво и стандарди, потребни за една Универзитетска клиника, вели директорката доктор Каролина Симоновска.
Како што претходно објави „Слободен печат“ раководителката на одделот за бронхоскопија си дала оставка а после неа 6 членови на бронхоскопскиот тим барале да бидат изземени од него, затоа што без долгогодишните специјалисти во тимот, не знаат да изведуваат комплексни процедури.