Директорката на Централен до Шилегов: Нема да носам одлуки под притисок на никого, дури ни на Мијалков

Откако градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов јавно најави дека ќе бара разрешување на директорката на Централен регистар, Марија Бошковска- Јанковски, денеска од регистарот стигна одговор на неговата изјава во која се вели:

„Не се јасни причините поради кои Градоначалникот неосновано го критикува Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Носењето на “храбри” одлуки со кои се кршат законите за што се сноси и кривична одговорност не е одлика на оваа власт, а за истото да не се случува се боревме со години заедно со Градоначалникот Шилегов.

Во случајот со Дрисла, Градоначалникот во име на Град Скопје бара од Централниот регистар незаконски да постапува и истовремено се заканува со одговорност. Кривична одговорност е предвидена во Кривичниот законик поради неспроведување и непостапување по правосилна судска пресуда. Меѓутоа за да има одговорност за Директор и сите лица правници-овластени лица за регистрација во Централниот Регистар кои секојдневно носат одлуки, е невозможно.

Имено, пред поднесувањето на уписот на промена, со Градоначалникот беа одржани повеќе состаноци на кои беа изнесени ставовите согласно законските одредби од Закон за трговски друштва, Закон за едношалтерски систем и Закон за јавни претпријатија, како и законските бариери за постапување позитивно по истото.

Од Централниот регистар беше укажано дека донесената Одлука на Советот од Град Скопје на која Градоначалникот се повикува, а со која се поништува донесената Одлука во 2013 година за преобразба на јавното претпријатие во Друштво, како и Одлуката за избор на приватен партнер/содружник, не е доволен законски основ за упис на промената во трговскиот регистар.

Согласно одредбите од член 32, 34 и 35 од ЗЕШС и член 92 од Закон за трговски друштва, Централниот Регистар постапува само по поднесена пријава од лице овластено со закон за поднесување на истата. Согласно член 107, 108 и 109 од Закон за трговски друштва, Централниот Регистар е должен по службена должност да изврши упис на промена на податок кога тоа е утврдено во правосилна судска одлука.

Покрај горенаведените укажувања и мислења, Градот Скопје преку адвокатот Сашо Бузлиев поднесе Пријава за упис на промена, од Друштво со ограничена одговорност во Јавно претпријатие врз основ на донесената Одлука и прилог Пресуда во која нема задолжение за Централниот Регистар, односно истата се однесува за поништување на Одлуката за избор на концесионер на Град Скопје.

По истата согласно член 39 од ЗЕШС, Централниот Регистар постапувал и донел Решение со кое барањето за упис се одбива, претходно разменувајќи мислења со сите овластени лица за регистрација кои се стручни, професионални и независни во одлучувањето, а не неспособни како што Градоначалникот изјавува.

Во член 4 од Законот за јавните претпријатија постои законски основ да се изврши преобразба на јавно претпријатие во Друштво, но не и обратно како што бара градоначалникот. Ниту пак во Законот за трговски друштва се предвидени законски одредби кои дозволуваат преобразба/трансформација од ДОО во ЈП.

За било која институција да постапува по поднесено барање, не е доволна само Одлука од Советот на Град Скопје, туку и законски основ за постапување.

Централниот регистар не е институција која може да врши поништување на уписи, тоа е работа на судовите. Затоа го повикуваме и охрабруваме Градоначалникот на Град Скопје да поведе постапка за ништовност на упис пред надлежниот суд , за која има законски основ.

Во моментов предметот заедно со жалбата од Град Скопје се наоѓа пред одлучување кај Комисијата за жалби, која е надлежна да одлучува во втор степен. По добивањето на Решението од Комисијата за жалби, Централен регистар ќе постапи согласно насоките од истото.

Во институцијата која ја водам нема да дозволам да се носат одлуки под притисок на било кој па ниту од лицата кои Градоначалникот ги споменува.

Навредите кои Градоначалникот ги упати кон вработените во Централниот Регистар се недолични за лице кое врши таква функција, а воедно е и адвокат со долгогодишно искуство. Поради тоа бараме јавно извинување преку медиумите до директорот и овластените лица за регистрација кои вчера беа мета на неоснован напад од негова страна“.

Шилегов синоќа обвини дека директорката на Централен регистар има скриени мотиви или се плаши од Сашо Мијалков, бидејќи, како што рече, тој го води бизнисот со депонијата.

– Во Централниот регистар, со тие шест регистратори и директорката, јас лично бев и не можев да наидам на разбирање, затоа што имаме различно правно толкување или скриени мотиви на администраторите и директорката на Централниот регистар или страв од Сашо Мијалков оти сите знаеме дека тој го води бизнис. Јас, ако тоа не заврши, ќе побарам како градоначалник јавно разрешување на регистраторите од централниот регистар и на директорката на Централниот регистар – посочи градоначалникот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот