Директор на зоолошка градина од Мексико наредил да се убијат и зготват пигмејски кози за божиќна забава

Поранешниот директор на зоолошката градина во јужно Мексико наредил да се убијат четири пигмејски кози, а пота тие да се зготват за да може да се изедат на божиќната забава, тврдат властите, пренесува „Гардијан“.
„Овие четири животни беа заклани и зготвени во просториите на зоолошката градина и беа послужени како храна на забавата на крајот на годината“, рече Фернандо Руиз Гутиерез, директор за диви животни на државниот оддел за животна средина, обвинувајќи го тогашниот директор на зоолошката градина, Хозе Рубен Нава. „Ова го стави на ризик здравјето на луѓето кои ги јадеа, бидејќи овие животни не беа погодни за човечка исхрана“.
Рубен Нава бил сменет како директор на локалната зоолошка градина во градот Чилпанцинго на 12 јануари откако тамошните медиуми објавиле за смртта на елен од таа зоолошка. Но, официјалните лица во вторникот рекоа дека истрагата открила дека некои животни во зоолошката градина наводно биле продадени, тргувани или изедени по наредба на Нава.
Државниот оддел за животна средина соопшти дека елените и добитокот, исто така, биле тргувани со приватни лица, без соодветно сметководство.
Нава, исто така, наводно заменил зебра за некои алати потребни за поправка на работите околу зоолошката градина, но инспекцијата не открила такви алати во објектот. Не е јасно дали Нава е формално обвинет во случајот или дали има адвокат.
Мексико долго време има проблем со приватните граѓани кои нелегално набавуваат егзотични животни. Со години, шверцерите на дрога во Мексико се познати по тоа што градат приватни живеалишта со лавови, тигри и други диви животни. Тие понекогаш им бегаат, по што се сее паника кај жителите.