Дипломати со кариера ќе ги пополнат амбасадорските места

Фото Архива

Иако списокот со 19 амбасадори сè уште официјално не пристигнал во претседателскиот Кабинет на Водно, сепак шефот на државата Стево Пендаровски очигледно ги знае имињата. Тој тврди дека над 90 отсто од кандидатите се дипломати од кариера, но како што вели, не е сигурен дали сите од нив ќе успеат да заминат во странство пред изборите на 12 април следната година.

– Тука има една временска одредница која јас ја имав спомнато и порано, а сакам и сега да ја посочам. Се ближат избори, на 3 јануари доаѓа техничката влада, а многу важен датум е и распуштање на Собранието кое треба да се случи на 11 или на 12 февруари следната година. По тој датум не можете ниту да вработите, ниту да унапредите кој било службеник во државната администрација, а не, пак, да праќате амбасадори низ светот – истакна Пендаровски.

Во јавноста веќе циркулираат имињата на Васко Грков за амбасадор во Белград, Сашко Тодоровски – Стразбур, Лидија Бошковска – Атина, Мишо Докмановиќ – Тел Авив, Данчо Марковски – Тирана, Бети Јанчева – Хаг, и секако, Дане Талевски – НАТО.

Интересно е тоа што вицепремиерот Бујар Османи на социјалните мрежи веќе се пофали дека дури 12 од вкупно 19 амбасадорски места низ светот ќе ги пополнат Албанци.

Како што наведе Османи, амбасадорското место во Загреб ќе го пополни Миљаим Фетаи, во Рим – Рами Реџепи, во Женева – Теута Демјаха, во Доха – Шабан Јашари, во Отава – Агрон Буџаку, во Приштина – Шпреса Јусуфи, во Копенхаген – Фатон Бехта, во Берлин – Рамадан Назифи, во Абу Даби – Абдул Кадер Мемеди, во Осло – Сергим Мухамеди, во Берн – Кенан Рамадани, и во Сараево – Екрем Ебиби. Иако Теута Арифи беше спомнувана како кандидат за амбасадор во САД, сепак премиерот Зоран Заев рече дека таа сепак нема да се пресели од Тетово во Вашингтон.

И покрај тоа што номинациите сè уште се неофицијални, критики од опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе пристигнаа на адреса на власта. Потпретседателот на партијата Александар Николовски обвини за нестручни и партиски кадри кои власта настојува избрзано да ги стави на функции пред формирање на техничката влада.

– Првиот и најзагрижувачки момент е што овие номинации доаѓаат практично на две недели пред оставката на премиерот и воведување на техничка влада, значи во класичен предизборен период. Оттука се поставува логичното прашање, како после промената на власта, таа власт би соработувала со решенија кои што се избрзани, партиски именувани и далеку од стручни? Второ, големиот број на предлози покажува дека планот е во последен момент да се наполнат амбасадите не со стручни кадри, туку исклучиво со кадри што се блиски на актуелната власт. Трето, лицемерието да брзаат да ги пратат кандидатите по стариот и актуелен Закон за надворешни работи, а во исто време форсираат нов закон по кој што никој од овие кандидати не ги исполнува условите, бидејќи ќе се бара 80 отсто од амбасадорите да бидат вработени во МНР. Значи, од една страна министерот Никола Димитров предлага измени на Законот за надворешни работи, а од друга страна предлага амбасадори по стариот Закон за надворешни работи, а по новиот Закон истите овие луѓе не ги исполнуваат условите – обвини Николовски.

И партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна партија, се спротивстави на идејата за промени во Законот за надворешни работи, бидејќи, како што велат оттаму, на тој начин ќе се оневозможи достапност до амбасадорските места за видни и докажани личности од многу области.

„Ќе бидат фаворизирани само вработените во МНР кои, пак, ќе ни бидат претставени како експерти, а најголем дел од нив знаеме дека се вработени под чисто партиски клуч. Стравуваме дека на овој начин МНР ќе почне да наликува на секта, недопирлива и затворена за надворешниот свет“, наведено е во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот