Дипломати со диплома, не со политика

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во новиот предлог-закон за надворешни работи не се користени искуства од други дипломатии, туку употребени се делови коишто им одговараат само на одредени функционери. Ваков е ставот на македонскиот Совет на амбасадори, а главната забелешка е дека со овој нацрт-закон дополнително се зголемува соодносот на раководни лица во Министерството за надворешни работи (МНР) на штета на извршителите. Како што реагираат од Советот, МНР на овој начин станува неефикасна институција каде што помал број дипломати читаат, подготвуваат, пишуваат, истражуваат и работат на сложени задачи, а поголемиот број дипломати со повисок ранг одобруваат, парафираат и патуваат низ светот.

Советот смета дека новиот закон за надворешни работи треба да задржи голем дел од решенијата кои се дел на Законот за надворешни работи кој е на сила затоа што се над решенијата на предложениот текст. Како пример го даваат досегашното законско решение од членот 64 од Законот за надворешни работи за редовното унапредување во дипломатските звања за кое сметаат дека е попрецизно и поприменливо во пракса отколку новопредложеното решение.

Професионална дипломатија

Да се предложи амбасадор, а да не можат сите да конкурираат, тоа навистина е нетранспарентна и нефер состојба, вели претседателот на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски.

– Да одговарате за амбасадор, а да бидат предложени сосема други луѓе – се гледа дека тоа е направено за да биде полесно манипулирањето со кадровската политика. Таа е срцето на државата, на фирмата, на бизнисот. Треба да ги поставите вистинските луѓе во вистинско време и на вистинско место, бидејќи само со оваа формула може да се постигне успех – објаснува Арсовски.

Тој вели дека заложбата на земјава била да добие професионална дипломатија каква што има Турција, Грција или Франција, но, како што додава, досегашното законско решение за редовно унапредување во дипломатските звања е попрецизно и поприменливо во практика отколку предложеното решение.

Според Арсовски, законот во оваа состојба мора да доживее не козметички, туку суштински промени.

– Мора да постои и категорија именување амбасадори на политичка основа, затоа што МНР нема доволно кариерни дипломати. Но, сметам дека таа квота не треба да се пополни со политичари, туку напротив, со истакнати познавачи и афирмирани лица – вели Арсовски.

Од Советот на амбасадори предупредуваат и дека од именувањето амбасадори во време кога се подготвуваат избори државата нема полза, дури ни самите партии предлагачи, туку само ги заострува меѓупартиските односи.

Инаку, новиот предлог-закон го критикуваше и Дипломатскиот синдикат, а министерот Никола Димитров во своето првично обраќање најави дополнителна дебата, но само доколку е потребна.

Што предвидува нацрт-законот?

Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина ќе бидат дипломати од кариера, односно од редовите на МНР, предвидува новиот предлог-закон за надворешни работи. „Од вкупниот број шефови на дипломатско-конзуларните претставништва најмалку 80 отсто се именувани од редот на кариерните дипломати. При именување на шефовите задолжително се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници и принципот на родова еднаквост“, наведено е во членот 66 од предлог-законот.

Тоа би значело дека само една петина од амбасадорите би можеле да бидат кадри што не се професионално ангажирани во дипломатијата. Наспроти тоа, сегашната регулатива дозволува најмногу една третина од вкупниот број шефови да може да се именуваат од редот на истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и културата. Во таа категорија припаѓа и идниот амбасадор на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, Дане Талески.

Шефот на дипломатијата неодамна на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, меѓу другото, говореше и за испразнетите амбасадорски позиции, но и за начините на нивно пополнување. Тој нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години.

Димитров тогаш кажа дека со новиот закон за МНР ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите. Таму каде што ќе се испраќа политички кандидати, според новиот закон, појасни Димитров, ќе се воведат одредени услови за искуство, со цел да се оневозможи кој било да се праќа на амбасадорските позиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот