„Дина“ се очекува да биде најголемиот блокбастер на годината

IMDB

Новата верзија на „Дина“, сработена според делото на славниот автор Френк Херберт, се очекува да биде најголемиот филмски хит за 2020 година.

Режисерот Денис Вилнев потврди дека во моментов работи на првите два дела од книгата, а дури потоа ќе реши во соработка со продукцијата, ќе одлучува дали последниот дел ќе биде филмуван или, пак, можеби ќе биде снимен како мини серија.

Во секој случај првиот филм од франшизата за „Дина“ ќе можеме да го очекуваме по 18 декември, во пресрет на празничниот период.

IMDB

Вилнев успеа да ја обезбеди соработката и со прославениот директор на фотографија Грег Фрејзер, но и да обезбеди неколку нумери од генијалниот композитор Ханс Зимер, со што сите предуслови за спектакуларен филм се обезбедени.

Ликот на Пол Атреид ќе го толкува младиот актер Тимоти Шаламет, кој веќе може да се пофали со една номинација за „Оскар“. Покрај него ќе биде и младата ѕвезда Зендаја, но и далеку поискусните Оскар Ајзак, Џејсон Момоа и Ребека Фергусон.

„Дина“ е епско дело, кое нѐ води низ фантастичната приказна, во чиј епицентар е драгоцениот зачин, кој може да се пронајден само во пустинските пространства на планетата Аракис. Зачинот е највредниот ресурс во Галаксијата, па затоа неговата експлоатација императорот им ја доделува на благородничките куќи од највисок ранг. Но, „Дина“ истовремено ни ја покажува целокупната гнилост на политиката, на тоа како се склопуваат сојузи и како се предаваат пријателите.

IMDB

Младиот Пол Атреид, заедно со својата бремена мајка, наеднаш ќе се најде во немилост на непријателите на неговиот татко, со минимални шанси за преживување.

Во 1984 година и Дејвид Линч се обиде да ја филмува книгата на Френк Херберт, а иако славниот режисер тогаш успеа да собере значителни средства, сепак неговиот филм доживеа фијаско на киноблагајните, што значеше и крај на неговите надежи да се снимаат продолженија. Во меѓувреме беше снимена и ТВ-серија според истата книга во британска продукција, која доживеа релативен успех, но фановите на „Дина“ се надеваат дека токму претстојниот проект ќе го заживее прекрасниот, а во исто време и суров свет на Аракис.

IMDB

Секако дека предизвик за режисерот ќе бидат и специјалните ефекти, кои се чинеа како главен проблем за Дејвид Линч на времето. Но, „Дина“ не е само фантазија, која се темели на специјални ефекти, туку и вистинско филозофско дело, за кое треба посебна умешност за да правилно биде пренесено на „големото платно“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот