Димовски: Нема да може да се злоупотребуваат неделите од страна на работодавачите

Според сегашниот Закон за работни односи, во неделата мора да има еден ден на неделен одмор, но тоа не мора да биде недела. Ако се работи во недела, ниту според законот, ниту според колектовните договори, следува додаток на дневница.

Токму ваквото законско решение досега им овозможуваше на работодавачите да ја третираат неделата како обичен работен ден, велат од Сојузот на синдикати на Македонија. Но, оттаму уверуваат дека новата регулатива, на која инсистираат, ќе стави крај на злоупотребите на неделите, односно неделата ќе биде неработен ден за сите, освен за строго дефинирани дејности и тоа со дополнително плаќање.

– На средбите со Владата и со работодавачите инсистираме точно да се знае во кои дејности ќе може да се работи во недела. Сега се договоривме за 34 дејности и тие треба да влезат во законската регулатива. На тој начин, треба да се оневозможат злоупотребите од страна на работодавачите, односно да се работи само во оние дејности каде што навистина производниот процес, или пак, потребите на општеството, тоа го бараат како неопходност. Но и дури да е неопходна работата во неделите, таа мора дополнително да биде платена – објаснува за „Слободен печат“, Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Димовски вели дека нивното инсистирање е дополнителниот износ на дневницата да биде најмалку 50 проценти и ако се работи во недела, тогаш слободен ден да биде сабота, или понеделник.

– Инсистираме, во Законот за работни односи, да се прецизира дека тие што мора да работатат во недела да имаат и додаток од 50 проценти на дневницата. Но, со колективни, со грански договори и со  синдикални договори со работодавачите ќе се бориме тој процент да биде и поголем. Бидејќи поповолното право за работниците е важечко, таму каде што ќе успееме да го обезбедиме, тоа и ќе важи. Ако, со општиот колективен договор за стопанството, кој мора да се менува со прогласувањето на недела за неработен ден, успееме да издејствуваме поголем процент, тој практично ќе важи за целото стопанство – вели Димовски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот