Димовски ќе биде сменет од чело на АНБ, најави Ковачевски – ама затоа што оди за амбасадор во Франција

Изјава на Виктор Димовски по седницата на Собраниската комисија/Фото: Скриншот

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека мора да има одговорност за случајот со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот руско-украински олигарх Олександар Онишченко. Тој најави дека наскоро ќе има смена на директорската позиција на Агенцијата за национална безбедност, на која сега е Виктор Димовски, веднаш потоа додаде дека тој ќе биде сменет бидејќи наскоро заминува за Париз, каде ќе биде македонски амбасадор во Франција.

„Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност, да ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Тоа е затоа што директорот е веќе со испратени агремани за амбасадор во Франција и веќе е отпочнат процесот на селекција на нов директор на АНБ“, изјави Ковачевски.

Околу скандалот, Ковачевски минатата недела изјави дека побарал извештај за тоа како сите четири институции, меѓу кои и АНБ, дале позитивно мислење за Онишченко да добие државјанство. Димовски за ова утре ќе реферира на затворена владина седница.

„Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно со процедурите на Агенцијата за национална безбедност и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден, меѓутоа вие и самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации“, вели Ковачевски.

Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Димовски за случајот реферираше во Собранието во петок, кога се случи уште еден безбедносен пропуст – седницата, која требаше да биде затворена за јавноста, започна да се пренесува во живо на Јутјуб. Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека МВР спроведува истрага, а тој ги чека нејзините резултати.

Скандалот со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот олигарх со украинско потекло Олександар Онишченко кој е на црната листа на САД, изби минатата недела откако беше речено дека за тој да го добие државјанството позитивно се изјасниле четири институции. Првиот човек на АНБ Димовски се правдаше дека лицето задолжено да го направи последното ниво на проверка со консултација со НАТО не си ја извршило задачата.

Според информации на „Фокус“, во АНБ се суспендирани двајца вработени кои наводно се одговорни за скандалот.

Две фирми на адресата каде што е регистриран Онишченко во Пржино, олигархот негира поврзаност со нив

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот