Димовски и Каракачанов во фејсбук војна за Гоце Делчев

„Војната“ за македонскиот револуционер Гоце Делчев меѓу Македонија и Бугарија продолжува на социјалната мрежа Фејсбук. Овојпат на тема подигнување на заеднички споменик на Делчев на местото каде е убиен, во серското село Баница. На „фрлената ракавица“ од бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, двете земји заедно да го чествуваат споменот на револуционерот, одговори претседателот на македонската парламентарна група за соработка со бугарското Собрание, од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој напиша дека станува збор за „убав призвук на една идеја“. Но, според Димовски, Каракачанов задоцнил со идејата бидејќи тоа од Грција не може сега да се бара.

„Ако ги почитуваме меѓудржавните договори како европски партнери (онака строго како што вие барате од нас), но и ја следиме вашата логика на толкување на историјата, тоа не смееме да го бараме од Грција. Според Букурешкиот договор, Бугарија одамна се откажа од територијата на Егејска Македонија, што Република Македонија во историско-културна смисла, за жал, пак скоро го направи со Преспанскиот договор. Бугарија кажа дека таа територија е грчка, а Македонија кажа дека целата историја и култура од таа територија е дел од хеленската култура и наследство. Иронија на времето и зборот. Ако повторно извлечеме заклучок по аналогија на вашата логика доаѓаме до следното: ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е РОДЕН НА ГРЧКА ТЕРИТОРИЈА И Е ДЕЛ ОД ХЕЛЕНСКОТО КУЛТУРНО-ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО. А не е. Господине Каракачанов, Бугарија го поддржа Преспанскиот договор, нели? За жал да“, напиша Димовски на својот фејсбук профил.

Предлогот на Каракачанов е двете страни заедно да изградат спомен обележје на Делчев. Тој на својот фб профил напиша:

„Време е заедно, како братски држави, пред нашиот партнер Грција, да го покренеме прашањето за поставување спомен-обележје на Гоце Делчев и таму заедно да го одбележуваме сеќавањето на него“.

За идејата на Каракачанов, Македонија и Бугарија да подигнат заедничко спомен обележје на Гоце Делчев во серското село Баница, ко-претседавачот на Комисијата за историски прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев за „360 степени“ рече дека вреди да се размисли.

„Тоа може да биде новиот римски ’Сан Клементе’ за Македонија и Бугарија, затоа што споменик на Гоце Делчев, подигнат од страна на двете држави во местотото на неговото загинување, може да биде ново светилиште за Македонија и Бугарија, каде секоја година на 4 мај ќе положуваат цвеќе македонска и бугарска делегација и каде секој ќе оддаде почит на својот национален херој, нешто слично како што се чествува Св. Кирил во црквата ’Сан Клементе’ во Рим. Може да се постават две плочи на тој споменик, на кои ќе има текст важен за двата народа и за двете држави во однос на Гоце Делчев“, рече Ѓоргиев.

Сепак Ѓоргиев вели дека спроведувањето на ваквата идеја ќе зависи од волјата на грчката држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот