Димов: Албанците добија многу права, бидејќи се бореа за тоа, ние Ромите не се бориме и затоа сме дискриминирани

Фото: Слободен печат

Порано беше незамисливо на каса во маркет да се види ромка, сега ги вработуваат бидејќи нема кој да работи. Ама, од друга страна имаме 4 доктори кои ја напуштија државата, бидејќи тука не добија можност да ја покажат стручноста.

„Граѓански права за Ромите“ е новиот проект на Националниот ромски центар кој денеска беше промовиран во рамки на работилницата насловена „Рoмите денес – Каде ќе бидеме утре“.

Како што објасни извршниот директор на ромскиот центар, Ашмет Елезовски, станува збор за проект во рамки на кој е предвидена посета на градовите и остварување средби како со градоначалниците, така и со граѓаните.

– Овие средби ќе ги насочиме на запознавање на градоначалниците со ромските права, но и ќе едуцираме граѓани од ромска националност како да препознаат обид за манипулација, посебно поврзана со претстојните избори, кога на поголемиот дел од Ромите им се нудат непристојни понуди за заокружување на одреден број на гласачкото ливче. Досега бевме неми посматрачи или во комплетна излолација. Најголемите измени ги донесоа Албанците и Македонците, а каде сме ние, Македонија е и наша татковина – рече денеска Елезовски.

Тој има забелешка и во однос на вработувањето на едуцираните кадри.

– Имаме голем број на едуцирани Роми, не не добиваат работа, ги вработуваат само оние со средно образование бидејќи ги пополнуваат празнините на сите кои ја напуштија Македонија. Порано беше незамисливо на каса во маркет да се види Ромка, сега ги вработуваат бидејќи нема кој да работи. Ама, од друга страна имаме четири доктори кои ја напуштија државата, бидејќи тука не добија можност да ја покажат стручноста. Во другите држави не е така. Во Сорбона се учи на ромски јазик, во Хамбург, Германија има градоначалник Ром, во Бразил имаше претседател Ром, само во Македонија, не дискриминираат – вели Елезовски.

Доктор Бајрам Берат, е еден од малкумината доктори кои и покрај бариерите, успеале да се стекнат со образование и да се вработат. Според него, ваквата „привилегија“ ја немаат останатите млади лекари.

– Жалосно е да гледате како се трудат, и покрај сите економски, и социјални препреки се стекнуваат со ценетата докторска диплома, а потоа се принудени да работат нешто друго – рече Берат, и посочи дека и покрај Декадата на Ромите, изминатите години, ништо не се работело за подобрување на животот на Ромите, иако биле потрошени големи суми и бил вложен многу труд.

Зоран Димов, кој на јавноста и е познат како сопственик на БТР телевизија, на денешната дебата рече дека за состојбата во која се наоѓаат Ромите, се виновни самите бидејќи не си ги бараат правата.

– Мене репер ми се Албанците, тие добија многу права, бидејќи се бореа за тоа. Ние, Ромите не се бориме за нашите права, и затоа сме дискриминирани во општествениот живот во Македонија – рече Димов.

Во насока на подобрување на состојбата на Ромите во февруари во Берлин ќе се одржи интернационална средба со наслов „Антициганизмот во Европа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот