Димоски: Полициската интервенција во Вевчани била за спречување на поголемо групирање

Фото: mia.mk

Полициски службеници денеска интервенираа во Вевчани за да спречат групирање на повеќе лица кои биле дел од поворката на Вевчанскиот карневал.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информира дека интервенцијата на полицијата била поради непочитување на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.

– И покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација, да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата, изјави Димоски.

Видео I Вевчански карневал: Василичарите продефилираа со маски, се судрија со полицијата, има и приведени

По документирање на случајот, додаде тој, ќе бидат поднесени и соодветни пријави против прекршителите.

– Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, истакна Димоски.

Вевчани денеска живее во духот на вековната традиција, познатиот Вевчански карневал, но поради пандемијата со ковид-19, двете василичарски друштва Горна и Долна маала се откажаа од организацијата на карневалот. Вевчанци, иако во мал број, сепак не се откажаа од традицијата и маскирани, во помали групи излегоа низ улиците преку маски, на сатиричен начин да покажат дел од настаните што ја одбележаа изминатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот