Димковски: Непотребен е рокот од седум дена што го дадоа земјоделците

Рокот од седум дена што го дадоа земјоделците на саботните протести во Скопје воопшто е непотребен, бидејќи сме немале период во кој не сме разговарале со нив, а мотивот за протестите е повеќе од јасен, оцени денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

– Увидовме, се покажа и се потврди дека протестите се политички мотивирани. Цело време сме во комуникација со земјоделците и во континуитет разговараме. Голем дел од барањата кои ги поставија веќе се реализирани, а за утре имаме договорено средба со лозарите за да ја финишираме мерката што ја најавивме. Ден пред протестот е исплатена мерката за оризопроизводителите, како и втората фаза за млекопроизводителите. Останува да ги прецизираме исплатите што ќе следат со ребалансот на Буџетот и дополнителните средства што ги добивме, рече Димковски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во МЗШВ.

Очекуваме, додаде, до крај на годината да може да се исплати уште една фаза за млекото, а првпат, како што кажа, е предвидена дополнителна интервентна мерка со која се дава субвенција од 400 денари за заклано јагне предадено во кланичен капацитет.

– Отворени сме за соработка и за комуникација. Земјоделците кои завчера даваа изјави неколкупати беа тука и разговаравме заеднички со нив. Едниот од нив за оризова арпа има добиено 130.000 денари субвенции, а вториот за одгледување овци има добиено 194.000 денари од кои само 64.000 денари се за органско производство. Верувам дека сите барања кои се од земјоделски и економски аспект се релевантни да се разговараат во МЗШВ, а за другите политички барања кои ги поставија нема што да разговараме ние како Министерство, посочи Димковски.

Потврди дека не е целосно исплатена субвенцијата за млекопроизводителите и додаде дека има наследена состојба што се провлекува.

– Се надевам дека годинава и во текот на наредната година ќе бидат подмирени сите заостанати обврски кон нив. Очекувам со буџетот за 2020 година да се елиминира долгот кон сточарите, рече Димковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот