Димитров во Брисел ќе учествува на состанок со сојузниците на НАТО

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Брисел ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата кој претставува последна подготовка за лидерската средба на Североатланскиот пакт што ќе се одржи во Лондон на 3 и 4 декември.

Димитров учествува на состанокот на покана на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Државава моментно има статус на „поканета” земја за членство во НАТО и активно ќе учествува во разговорите на сојузниците од Алијансата за комплексните стратешки прашања.

Според најавите, Димитров ќе ја реафирмира нашата посветеност и поддршка на клучните политики на НАТО, како идна земја членка, по прашањата од исклучително значење за Алијансата: праведната распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, адаптирањето на НАТО политиките и стратегиите кон променливата безбедносна околина, контрибуцијата во меѓународните операции, справувањето со неконвенционалните безбедносни закани и други прашања од заеднички интерес.

Заменик помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Џејмс Апатурај вчера порача дека НАТО ги почитува роковите  и оти очекува земјава да стане полноправна членка на Алијансата на „почетокот на пролетта”.

-Зачленувањето на Северна Македонија во НАТО не е доведено во прашање, само се чека завршување на процедурата на ратификација на протоколот за членство во сите земји членки на Алијансата, рече Апатурај во интервју за РСЕ , наведувајќи дека единствена отежнувачка околност е застојот во Шпанија околу формирањето влада.

Според Апатурај, на Самитот на НАТО што ќе се одржи на почетокот на декември во Лондон, „на сите ќе им биде јасно дека Северна Македонија е на прагот и оти наскоро ќе и се придружи” на Алијансата.

Националното Собрание на Франција в четврток треба да расправа за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Долниот дом на францускиот Парламент се очекува по расправата да го ратификува Протоколот, откако претходно на 17 октомври тоа го стори Сенатот.

По француската ратификација ќе отане уште тоа да го стори Парламентот на Шпанија, кој се уште не е конституиран, со оглед на тоа што таму на 10 ноември се одржаа избори.

Придобивките од официјалното зачленување  во НАТО ги истакнува и Соломон Паси, почесен претседател на Атлантскиот клуб на Бугарија, кој порачува дека кога земјава ќе биде и физички во НАТО, членството во ЕУ ќе биде многу полесна задача.

– Ќе седите на иста маса со истите луѓе, зборувате со нив за истите проблеми, не ве третираат како аспирант како некој што чука на вратата, туку ве третираат како еднаков член. Политиката е трговија со услуги. Штом сте во НАТО вие ќе почнете да тргувате со овие услуги, ќе станете дел од семејството, истакна Паси, при учеството на конференција за младите во организација на Евроатлантскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот