Димитров во Берлин на разговори за првата Меѓувладина конференција

На покана на државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Берлин.

Како што соопшти СЕП, ова е прва посета на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање, а воедно и прва за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Германија како актуелен претседавач со Унијата го води процесот на усогласување на Преговарачката рамка, клучниот документ  согласно кој што ќе се водат преговорите.

Во рамки на посетата предвидени се средби на Димитров и со главниот советник за надворешна и безбедносна политика на германската канцеларка Ангела Меркел, Јан Хекер, со советникот за надворешна политика на претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, Томас Багер, со ополномоштеникот за ЕУ политики во германското МНР, Забине Штер, со директорката во Министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шуц, како и со други релевантни соговорници во контекст на германската поддршка за нашата европската иднина.

Главниот акцент при разговорите ќе биде ставен на реализација на веќе утврдената заедничка цел на Северна Македонија и Германија – одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава. Покрај размената на мислења за динамиката на усвојување на рамката, вицепремиерот Димитров ќе ги отовори и прашањата за регионалната соработка во контекст на Берлинскиот процес чиј иницијатор е токму Германија, како и за можностите за унапредување на билатералната развојна соработка и трговските односи, се додава во соопштението на СЕП. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот