Димитров: Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции за истрага на приведениот дипломат

Никола Димитров / Фото: Слободен печат, архива
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, вечерва на својот фејсбук профил објави информации поврзани со дипломатскиот скандал за приведениот дипломат.
Димитров вели дека дипломатот бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 година, кога со МНР раководел друг министер, а барањето на дипломатот за продолжување на мандатот е одбиено од страна на Димитров.
– Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки, напиша Димитров.
Тој додава дека согласно Законот, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос.
– Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 год., долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност, вели Димитров.
Видео на денот