Димитров: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и сакаме членство во ЕУ

Ние долго време се обидуваме да дадеме шанса на овој процес, мислам дека јавноста тоа јасно го забележува. Тоа што го велиме јавно е дека ние сакаме членство во ЕУ, сакаме да ги започнеме преговорите, но не разговараме за тоа кои сме и каков јазик зборуваме. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Тоа право е наше суверено внатрешно право и кога Бугарија ја признала тогаш како прва држава Република Македонија меѓу другото го прифатила и тоа наше суверено право.

Ова вечерва го нагласи вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во „Топ тема” на Телма.

– Јазичното богатство е едно од основните вредности на ЕУ и земјите членки. Со Лисабонскиот договор се обврзале да го почитуваат националниот идентитет свој и на другите, но се обврзале и во односот со своите соседи, соседството на ЕУ, да воспоставуваат партнерства врз основа на овие европски вредности, рече Димитров.

Според него, имаме апсолутно легитимно право од секого да очекуваме почит и прифаќање на нашето право на самоопределување.

– Би сакале на некој начин да е јасно дека секогаш кога има решение, компромис или молк, кога некои од основните вредности на ЕУ се кршат, Европа ослабува, вели Димитров.

Нашиот јазик, вели тој, е наша работа.

– Многу е клучно да се разбере дека нашиот македонски идентитет е резултат на историски процес, тоа не е предмет на политичка одлука, не е на нечија штета, на било кој сосед. Ние имаме како суверена држава едно елементарно право да очекуваме тоа да ни се почитува. Не може процесот на пристапување кон ЕУ да стане инструмент, механизам за попречување на ова право. Ова е вистински тест и за самата ЕУ, и за одлуката од март. Ние добивме чиста одлука да почнеме пристапни преговори. Каква порака ќе даде ЕУ кон нас и кон регионот, порача Димитров.

За него е спорно државата да има суд во однос на историјата. – Може да има концепт, да се договори на кои принципи тоа ќе се работи, но за историјата мора да разговрааат историчарите, смета Димитров.

Ние, додава, не може да бидеме одговорни за друга држава.

– Што ние славиме е наша работа, тоа е мешање во нашите внатрешни работи. Каков идентитет имаме е наша работа, ние не се мешаме во идентитетот на кого било во соседството и пошироко. Не се мешаме како соседите гледаат во соседната историја, тоа е нивна работа. Имаме Комисија, има историчари, има периоди кога имаме заедничка историја со Бугарија и тоа е работа на историчарите, вели Димитров.

Смета дека шансата е да се држиме до тие принципи и правила.

– Две прашања се клучни – кој ќе влегува во Унијата и каде. Многу е битно прашањето „кој” – упатува на идентитетот и јазикот, а прашањето „каде” – упатува зошто ние толку сакаме да бидеме дел од ЕУ. Таму гледаме шанса за просперитет и затоа што таму гледаме заедница на вредности. Секогаш кога одлуките отстапуваат од суштинските врендости на Унијата, Европа станува послаба, заклучи Димитров. 

Димитров: Утре нема да се усвои преговарачката рамка

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот