Димитров: Напорно работиме на европските реформи

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на вториот ден од работната посета на Брисел, оствари повеќе средби во Европскиот Парламент со: Дачијан Чолос, претседател на групата Обнова на Европа, со Андреас Шидер, копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-МК, Илхан Кјучук, известител за Северна Македонија во Европскиот Парламент, како и со групата европратеници Пријатели на Северна Македонија во ЕП.

Како што соопшти МНР, на брифингот со неформалната парламентарна група Пријатели на Северна Македонија, чиј иницијатор е словенечката европратеничка Ирена Јовева, министерот Димитров изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на ЕП за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија, со очекување дека таа ќе биде зајакната со новиот состав на ЕП. Во оваа прилика, се додава, тој ги информираше соговорниците за последните реформски активности и конкретните резултати, а се осврна и на регионални прашања и нашите напори за унапредување на добрососедските односи.

Министерот Димитров изрази почитување за реакцијата на поддршка на ЕП преку донесената резолуција со која се повикува ЕУ да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, веднаш по октомврискиот самит на ЕУ.

-Државите, како и луѓето, имаат потреба од пријатели. Со пријателите патот е помалку стрмен! Решени сме да бидеме победници останувајќи посветени и напорно да работиме на европските реформи, рече Димитров.

Европратениците  од своја страна, се наведува, позитивно ги оценија реформските постигнувања и дадоа силна поддршка за исполнување на европската стратешка цел на Северна Македонија, што поскоро.

Министерот Димитров денеска се сретна и со Бјорн Сиберт, шеф на кабинет на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која од двете страни беше искажана цврста заложба за зајакнување и валидирање на европската позиција на Северна Македонија.

-Доколку новите ЕУ институции имаат похрабри стратешки цели и поширок геополитички видик, нашиот пример е одлична можност да се докаже дека пристапниот процес е вистинска алатка за европска трансформација на државите во регионот, истакна Димитров на средбата, стои во соопштението од МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот