Димитров на заминување со шлаканица до Владата: Им пречев да прифатат понижувачки договор!

Никола Димитров
Никола Димитров / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Немам целосна доверба во министерот Османи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации и средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има „драјв“ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и непродуктивен – рече Димитров.

Министерот за европски прашања во заминување Никола Димитров денеска рече дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи за решението на спорот со Бугарија и образложи дека не се повлекол сам од идната влада на мандатарот Димитар Ковачевски. Според него, постојат интереси во и надвор од земјата тој да не биде дел од идната влада, како резултат на неговите позиции за прашањето со Бугарија. Димитров нагласи и дека некој посакува тој да не биде дома, поради што добил понуда за амбасадорско место во САД, што го одбил, зашто тоа, како што рече, „ќе му го врзело зборот“.

Обвинувањата од Димитров следуваат еден ден откако Владата го разреши Владо Бучковски од функцијата специјален владин пратеник во Софија, откако минатиот месец му го продолжи мандатот за цела година.

– Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи – рече Димитров на неговата денешна прес-конференција, последна од позиција на член на владата.

Тој изрази недоверба кон позициите на Османи во однос на спорот со Бугарија.  

– Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации и средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има „драјв“ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и непродуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам – рече Димитров.

Министерот Османи одговори преку Фејсбук. Тој објасни дека преговорите со Софија на техничко ниво ги водат работни групи со искусни дипломати од МНР, кои настапуваат во согласност со државните стратешки интереси утврдени од Владата и целиот државен врв. Според Османи, пред нас е нов „политички моментум“ создаден преку новите влади во двете земји, најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков идниот вторник, како и втората меѓувладина седница на 25 февруари, па затоа сите активности што го загрозуваат овој успех ги смета за „непродуктивни и нефер“.

Вицепремиерот Атран Груби, пак, рече дека „жали што колегата Димитров дознал дека не му верува на Османи на крајот на својот мандат“.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Димитров „да не глуми генерал после војна, затоа што е жртва на својата неспособност и распродавањето и поигрувањето со државните интереси“.

„За кариеристот Димитров менувањето од министерската позиција е негов најнесреќен ден. Наместо Европа на Македонија, СДСМ, Заев и Димитров ја однесоа државата во ќор-сокак во однос на европските интеграции. Димитров е кариерист кој ги заплетка и комплицираше односите со сите наши соседи и го поларизираше општеството. Задоцнета е неговата грижа за националните и државни интереси“ – коментира ВМРО-ДПМНЕ.

Од кабинетот на премиерот Зоран Заев порачаа дека Димитров учествувал и е согласен со македонските позиции за спорот, а доколку е против што било од заедничките позиции, чесно е тоа да го каже и да објасни зошто е против.

Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор, укажува кабинетот на Заев.

Несогласувања и за мерките против ковид-19

Димитров во своето обраќање спомена и дека имал различни позиции од колегите во Владата по многу теми, па и за приодот и мерките против пандемијата. На ова реагираше Министерството за здравство:

„МЗ е изненадено од непромислената изјава на вицепремиерот Димитров, со која покажува значителна несериозност кон ковид-пандемијата. Чесно е Димитров да каже дека на многу седници на ГККШ или на Владата кога на дневен ред беа токму тие точки, тој не ни присуствуваше, туку го заменуваше државниот секретар. Кога седниците пак беа „удостоени“ со присуството на вицепремиерот, тој во ниту еден момент не се спротивстави на препораките и на мислењата на стручната лекарска фела која до Владата препорачуваше и советуваше во кои насоки да се движат мерките за заштита од ширење на ковид-19. Димитров, апсолутно го делеше мислењето со колегите“, соопштија од МЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот