Димитров му одговори на Османи: Една лага не ви поминува, доста се бавите со мене!

Фото: EPA/STEPHANIE LECOCQ

Екс министерот за надворешни работи Никола Димитров експресно му одговори на актуелниот министер Бујар Османи кој вечерва преку документ кој го објави на Фејсбук, откри дека токму Димитров потпишал дека македонската страна ја прифаќа бугарската верзија за Илинденското востание и ќе го именува како Илинденско – Преображенско востание.

-Навистина? Ама дали навистина? На сите изнесени грижи и прашања, не само од мене, туку од целата домашна јавност, вие повторно со бгнес спинувања? Чија пропаганда терате? Мафтате со протокол потпишан во јуни 2019 кога НЕМА вето, туку црно на бело потврда на бугарската ПОДДРШКА на нашите евроинтеграции напишана во истиот документ. Дали го разбирате воопшто контекстот и разликата што ова ја прави? Во тоа време, протоколот беше навистина билатерален, а се работеше без уцена, пишува Димитров на Фејсбук.

Тој го обвинува дека Османи манипулира за клучни делови од тој протокол, „повторувајќи бугарска теза што очигледно ви е блиска: дека наводно сме преземале ОБВРСКА историчарите да ги надминат најделикатните теми во одреден рок, игнорирајќи ја клучната кованица во текстот – НАСТОЈУВАЊЕ да се постигнат реални резултати“.

– Како што добро знаете, политиката може да охрабрува, да настојува, да прави добра атмосфера (како што тогаш имало), но не може и не смее да обврзе или да наметне решение врз комисијата за историски прашања. Повеќето од членовите на комисијата се истите луѓе, слободно јавноста нека ги праша дали во мое време биле обврзани или притиснати за било што. Во тоа време тие навистина настојуваа да дојдат до резултати, се’ додека бугарската страна не почна да го минира процесот. Понатаму, во македонската верзија на документот се разбира Илинденското востание е Илинденско востание и никако поинаку. Интересно што полесно сте нашле некоја бугарска верзија, отколку македонската. Мојот кабинет целиот фајл за прашањето со Бугарија го предаде на вашите луѓе. Зошто токму денес ви се губат документи од архива можеме да претпоставиме. Во мое време, архивата на кабинетот и на министерството беше педантно водена. Една лага не ви поминува, една! Доста се бавите со мене! Одговори чекаме, пишува Димитров.

Тој му порачува на Османи да одговри и да ги реафирмира македонските позиции, па потоа слободно продолжете со личната опсесија.

-Одговорете и реафирмирајте ги македонските позиции, па сите хистерични веднаш ќе се упристоиме!, порача Димитров.

Тој претходно побара оставка од „министрите што им се закануваат на граѓаните што сакаат да спречат национална катастрофа“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот