Димитров му одговори на Милошоски: Претседателот на Комисијата за европски прашања не е способен ни покана навреме да достави

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров ги отфрли обвинувањата во интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ дека одбива да одговори на клучни прашања поврзани со блокадата на македонските ЕУ процеси од страна на Бугарија. Според него не биле точни тврдењата на претседателот на Комисијата за европски прашања дека бил уредно поканет, а тој ги одбил поканите.

– Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен и лага е дека сум одбил да присуствувам. Да појаснам, според Деловникот на Собранието член 121 на седници на работно тело каде не се разгледува закон може, но не мора да присуствува владиниот претставник. Но и јавноста и моите колеги, дури и овие кои стојат зад интерпелацијата добро знаат дека јас почитувам институции и имам посебен пиетет кон Собранието и никогаш не бегам од дебата. Иако да бидам искрен дебатата околу тоа дали македонскиот идентитет е и треба да биде нашата црвена линија, ја сметам за бесмислица. Се разбира дека е и ќе остане да биде засекогаш. Токму затоа и покрај тоа што немам обврска, јас апсолутно не одбив учество. Мојот кабинет стапи во контакт со службите на Комисијата за да ја потврди мојата подготвеност за он лајн учество и покрај фактот од моментот на притигнување на поканата до почетокот на седницата немаше ниту 24 часа. Повторувам поканата за учество во Комисијата во двата наврата пристигна попладне за присуство утредента сабајле. Значи не со взаемен договор, не со најава од осум дена, или пак три, или 24 часа туку со најава од помалку од 16 часа од почетокот на седницата. Во тој рок ниту може да се разгледа агенда ниту да се подготват анализи, ниту да се подготват материјали за седницата, да не зборуваме за фактот за чистиот аматеризам во постапката. Претседателот на Комисијата замислете не може да организира, ни покана на времено да достави, однoсно целосно потфрла во својата работа, а очекува министрите да му се на располагање и во секое време да учествуваат во еден таков панаѓур на некомпетентност, рече Димитров.

Според Димитров, намерата на Милошоски не била да се одржи суштествена дебата туку да се купи неколку минути и редови евтина медиумска кампања. Тој на претседателот на Комисијата за европски прашања му порача, кога следниот пат ќе го покани, прво да си ја сработи својата работа.

– Но како што споменав, прифатив да учествувам под сугестија седницата да се одржи дигитално. Оваа сугестија беше поради фактот што во тој период имавме интензивни преговори со германското претседателство со Советот на ЕУ и со Софија. Мојата здравствена внимателност не беше за себе туку за мојата одговорност да можам да патувам имајќи негативен тест. Затоа предложив дигитална форма. Не е моја вина што претседателот на Комисијата кој очигледно не е способен да достави навремено покана ниту пак е способен да обезбеди елементарни услови за дигитална работа во услови на пандемија, макар и неформална, со оглед на Деловникот, кога целиот свет така функционира е несреќен е што во тие клучни моменти одлучив наместо да бидам маскота за нечиј политички маркетинг да се посветам на заштита на националните интереси меѓу другото токму околу македонскиот идентитет. За жал немам време а уште помалку желба да учествувам во театар на картони за што признавам му нема рамен во способноста да прави циркуз од државните интереси особено во Собранието. За таков театар не сум му потребен јас, тоа одлично го тера и без мене, рече Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот