Димитров: МНР нема надлежност да издава безбедносни сертификати, тоа го прават безбедносните служби

Никола Димитров Преспа
Никола Димитров / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи нема надлежност да издава безбедносни сертификати, ни капацитет да врши безбедносни проверки, ниту има луѓе што се бават со тоа, бидејќи тоа го прават безбедносните служби, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

– Во нашиот систем може Министерството да има некаков дополнителен филтер за вакви работи да спречи, меѓутоа вистинскиот ветинг го прават безбедносните служби, тие имаат пракса, имаат искуство и најважно законски надлежности за таа работа. МНР нема надлежност да издава безбедносни сертификати, односно нема процес и процедури што врши такви безбедносни проверки на кандидатите на луѓето, изјави Димитров по примопредавањето на јапонската донација за Националната опера и балет, во одговор на новинарско прашање во врска со ветингот во МНР што го најави актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи по приведувањето на дипломатот во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, Миле Миленкоски во Србија.

Димитров, кој беше шеф на дипломатијата од 2017 до 2020 година, посочи дека за овој случај не станало збор на средбата при размената на ресорите со актуелниот министер Османи во септември 2020 година, како и оти во МНР има записи од случајот и секој вработен во тоа Министерство има свое досие за кариерниот пат.

– Примопредавањето е 30-ина минути, големите теми, некои совети, прашања итн. Во МНР има записи од случајот, бидејќи имаше писмена комуникација. Кога добивме прилично штури информации дека ќе почне истрага во рамките на МВР, ни беше побарано дали споменатиот има дипломатски пасош, дали користел одмор итн. За таа работа ние ги информиравме надлежните безбедносни агенции, така што и во фајлот, претпоставувам и во личниот фајл на вработениот во МНР ги има сите овие елементи. Обично секој вработен во МНР има досие каде бил, награди, евентуално дисциплински постапки – патот на кариерата на луѓето во МНР, појаснува Димитров.

Во однос на издавањето на дипломатските патни исправи тој посочи дека по Законот за патни исправи вработените во МНР што имаат дипломатски статус поседуваат дипломатски патни исправи и тие може да се одземат кога ќе биде одземен безбедносниот сертификат, меѓутоа Министерството како институција нема законска надлежност да дава или да одзема безбедносни сертификати, затоа што тоа го прават безбедносните агенции. – МНР се потпира на тие институции во овој дел, таков е системот, потенцира вицепремиерот Димитров.

3апрашан во врска со случајот на Миленкоски и како „таква конфликтна личност останала толку време на високи функции во МНР”, Димитров истакна дека кога дошол на должност министер за надворешни, односниот дипломат бил во Виена во Мисијата при ОБСЕ, а по „една епизода” бил префрлен во Амбасадата во Австрија.

– Неговото барање за продолжување на мандатот од три години – по Законот за надворешни мандатот на дипломатите во странство е три години – го одбив и потоа, ако не се лажам, работеше во Директоратот за конзуларни односи во МНР. Тука има право министерот за надворешни работи дискреционо да не го пушти надвор на мисија за да видиме што е работава. Како до тоа дошло до сега немам информации, бидејќи не го водам МНР, рече Димитров.

По однос на тоа како Миленкоски двапати завршил во ОБСЕ, упати новинарите да истражат и укажа дека генерално во МНР нема тим за човечки ресурси, како во големите институции и приватни компании, којшто ќе се грижи и ќе негува кадри по области дали тоа ќе биде билатерала или во мултилатералата.

– Јас кога бев во МНР се обидував од тоа што е понудено и кој се пријавил на конкурс да ги испратам луѓето коишто ги гледа комисија, ми препорачува три имиња, да одат луѓето коишто мислам дека ќе завршат работат и ќе бидат некаква вредност во амбасадата, односно мисијата, каде одат, рече Димитров.

Извор: МИА

Видео на денот