Димитров: Mеѓувладина конференција до крајот на годината, за зајакнување на кредибилитетот на ЕУ во регионот

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Не сакаме да се приклучиме кон било која Унија, туку кон Европската Унија и таа придавка „европска” треба да значи нешто. Многу е тешко да се одржи значењето на тој термин ако сме предизвикани од нешто што не треба да биде проблем во Европа на 21 век, за тоа кои сме и каков јазик зборуваме. Ова е прашање, што е внатрешно, што е во срцето на нашиот суверенитет и во нашето право на самоопределување и самоизразување.

Ова денеска меѓу другото го истакна вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров на онлајн конференцијата „Нова виталност за стара дебата: Државата Европа”. Дали ЕУ ќе може да донесе нов живот на стара и трајна дебата за процесот на пристапување во ЕУ и заедничката европска иднина?, во организација на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Димитров, осврнувајќи се на односите со соседите во процесот на пристапување кон ЕУ, рече дека со Бугарија започнавме добрo со одлуката да го ратификуваме Договорот за пријателство и добрососедство. Бугарија, потсети Димитров, го искористи своето претседавање со ЕУ да го врати вниманието на регионот и да го стави проширувањето повторно на агендата на ЕУ.

– Ние имаме интерес да имаме голем пријател во Софија. Имаме интерес за блиски односи, интерес да навлеземе во подлабоките делови на нашиот договор за пријателство, што се однесува на продлабочување на економијата, трговијата, туризмот, културата, животната средина, безбедносни прашања, итн. Мислам дека има влог и за Бугарија и можам да кажам дека предизвикувањето на македонскиот јазик веројатно не е добра стратегија ако сакате да ги освоите срцата и мислите на македонските граѓани, оцени Димитров.

Рече дека овој процес е тежок, се однесува на историјата, на периоди во историјата кои се заеднички и кои ги доближуваат двете нации поблизу, но целта меѓу двете земји треба да биде прифаќањето на реалноста на денешните генерации.

– Ако рационално гледаме на проблемот, имаме многу да добиеме ако двете страни растат во овој процес, се мудри и инвестираат во овие односи. Ќе биде многу тешко да ја одржиме главната цел на договорот, ако не успееме и ако поради овие односи немаме преговарачка рамка, немаме меѓувладина конференција, итн. Затоа сметам дека Софија, ние, како и ЕУ, многу ќе добиеме ако успееме во овој процес, смета Димитров.

– Не смееме да заборавиме што треба да биде процесот на пристапување. Ако процесот на пристапување стане платформа за земјите-членки да ги презентираат националните прашања во регионот, прашања за јазик, идентите, итн., мислам дека комплетно ќе се поткопаат плановите за процесот на пристапување на регионот за кој претседелката на Европската комисија рече дека иднината на регионот е Европа, а Хајко Мас истакна дека европскиот проект нема да биде завршен сè додека Западен Балкан не се приклучи кон Унијата, рече Димитров.

Потсети дека Северна Македонија доби историска одлука за почеток на преговори во март, потенцирајќи дека одлуката беше безусловна.

-Ако оваа можност беше историска и ако во нашиот случај одлуката е безусловна, за да се одржи и да се зголеми кредибилитетот на ЕУ во регионот, потребно е првата меѓувладина конференција да се одржи на крајот на годината,под германското претседателство со Советот на ЕУ, рече Димитров.

Оцени дека новата методологија е добра за оние што покажуваат резултати, а не е добра за оние коишто назадуваат.

– Луѓето од регионот не треба да се плашат од ова, процесот на пристапување е алатка за реформи во трансформација на нашите општества, истакна Димитров.

Вицепремиерот, исто така, оцени дека европската агенда е одлична можност за нашето општество да се обедини.

– По чекање со генерации на овој момент, сега е време да се мобилизира целото општество, Владата, опозицијата, Парламентот, да ја употребиме европската агенда како мост за здрава дискусија меѓу Владата и опозицијата. Има голема улога тука и за граѓанското општество и сите во Владата ја препознаваат важноста на граѓанското општество во овој процес, посочи Димитров на он лајн конференцијата „Нова виталност за стара дебата: Државата Европа”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот