Димитров ја брифираше пратеничката група за надворешна политика на ЦДУ/ЦСУ за реформите во земјава

Фото: МИА

За постигнатиот успех во односите со соседите, пред се преку договорите со Грција и Бугарија, но и за реформските резултати и очекувањата на земјата во насока на донесување одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година брифираше шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска на средбата со пратеничката група за надворешна политика на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.

– Северна Македонија годинава претставува случај на надеж и охрабрување за регионот и Европа. Поткрепени од постигнатото денеска во Берлин нудиме аргументи за тоа зошто е важно нашите германски пријатели да не поддржат во отворањето на наредната врата од нашето европско патување. Направивме доста, но не чека уште многу работа за да стигнеме до посакуваната цел  – нова европска реалност, преку темелна реформа и фундаментална трансформација на општеството и државата. Јасното препознавање на нашите напори ќе значи консолидација на постигнатото и дополнителен поттик на овој пат, како за Северна Македонија така и за европската иднина на целиот регион – истакна шефот на дипломатијата.

Пратеникот Јурген Харт, портпарол на ЦДУ/ЦСУ за надворешна политика и член на работната група, кој го водеше состанокот истакна дека по храбриот чекор во надминување на деценискиот спор со Грција, Северна Македонија ја има нивната целосна поддршка за членството во НАТО и приближувањето кон ЕУ.

Во рамки на денешните средби во Бундестагот, министерот Димитров се сретна и со лидерот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Ралф Бринкхаус, со кој разговараа за актуелностите во процесот на нашата европска интеграција и подрршката и позициите на ЦДИ/ЦСУ во тој контекст, како и за други теми од регионален карактер.

Денешната посета продолжува со средби со претставници на Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел.

Утре, во активностите на вториот ден од посетата ќе се вклучи и заменик-премиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, при што е планиран заеднички брифинг пред парламентарната Комисија за европски прашања во Бундестагот, на која ќе го презентираат  напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската унија, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.

Предвидени се и средби со министерот за Европа, Михаил Рот и новата лидерка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот