Димитров: ЕК да изработи предлог за подобрување на пристапниот процес

Северна Македонија е заинтересирана што е можно поскоро Европската комисија да го изработи и претстави пред земјите членки својот предлог за подобрување на пристапниот процес. Укажа дека земјата покажала високо ниво на зрелост и мудрост и ќе го продолжи засилениот ангажман во правец на исполнување на ЕУ реформите.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на пленарната сесија насловена „Заживување на европската перспектива на Западниот Балкан”, на конференцијата во Берлин „Балкански дијалози” во ко-организација на Минхенската безбедносна конференција, Институтот Ист-Вест и Белградскиот фонд за политичка извонредност (БФПЕ).

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров, истакна дека во меѓувреме, добредојдени се сите добронамерни размислувања кои ќе придонесат за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и кои ќе ги направат преговорите подобро структурирани, поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни. Шефот на дипломатијата потенцираше дека економската интеграција во ЕУ не може да се одвива без својот политички дел, ниту да се нуди како привремена замена за полноправно членство.

– Северна Македонија, преку процесот на стабилизација и асоцијација, 15 години се подготвува за членство и има постигнато високо ниво на усогласеност во многу области на законодавството на ЕУ. Со оглед и на историските и храбри исчекори во надминување на сензитивни билатерални прашања, земјата без никакви дилеми го заслужи почеток на преговорите, истакна Димитров.

Тој ја нагласи важноста и потребата членовите во Советот на ЕУ без одлагање да постигнат консензус за почетокот на преговорите со Северна Македонија.

– Јасната европска перспектива и крајната цел за полноправното членство треба да бидат недвосмислено потврдени со конкретни дела, бидејќи истото е од заемен интерес за регионот на Западен Балкан и за ЕУ. Без таа јасна перспектива напорите за решавање на преостанатите важни билатерални спорови во регионот ќе останат залудни, оцени Димитров.

Во рамки на посетата, шефот на дипломатијата имаше средби и со Уве Корсепиус, советникот за ЕУ на германската канцеларка Ангела Меркел и со претставниците на Министерството за надворешни работи на Германија, Томас Осовски, ополномоштеник за ЕУ и Сузане Шуц, ополномошник за Југоисточна Европа, како и со Пјер Мирел, почесен генерален директор во Европската комисија, кој беше еден од панелистите на конференцијата.

На средбите, меѓу другото беа разменети мислења за ситуацијата во земјата и регионот после исходот на октомврискиот Европски самит, за францускиот предлог за нова методологија, следните чекори во насока на постигнување консензус за одлука за почеток на пристапни преговори и за конференцијата за иднината на Европа. Беше поздравено и учеството на македонската делегација на лидерскиот состанок во Лондон и изразено заемно задоволство од очекуваното набрзо комплетирање на долгоочекуваниот процес на евроатлантска интеграција на Северна Македонија, една од двете главни стратешки цели на земјава, што е од значаен интерес за стабилноста и сигурноста на Европа, се наведува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот