Димитров, Царовска и Шекеринска ќе почекаат за апанажа

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тешко дека наскоро ќе најдат решение за деблокада на Комисијата, откако таа остана без претседател кога Костадин Костадинов од СДСМ стана градоначалник, а членот на Беса, Фадил Зендели, стана опозициски пратеник и сега мнозинството во тоа тело го има опозицијата.

Ексминистрите Никола Димитров и Мила Царовска ќе почекаат на првата исплата на надоместокот во висина на министерска плата бидејќи е неизвесно дали и кога ќе се состане собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, која е надлежна за одобрување на т.н. апанажи. Во Комисијата е заглавен и изборот на новите уставни судии, иако Уставниот суд остана без четири члена и сега одлучува само со пет судии.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тешко дека наскоро ќе најдат решение за деблокада на Комисијата, откако таа остана без претседател кога Костадин Костадинов од СДСМ стана градоначалник, а членот на Беса, Фадил Зендели, стана опозициски пратеник и сега мнозинството во тоа тело го има опозицијата наместо власта.

И додека на власта ѝ се брза за да го врати мнозинството во Комисијата за да се изберат уставните судии и да се одобрат апанажите, според извори од ВМРО-ДПМНЕ, засега тоа за нив не е приоритет. Власта в понеделник ќе го отвори прашањето за доекипирање на собраниското тело, но мали се шансите за некаков договор. На собраниската седница на 26 јануари треба да бидат верификувани мандатите на новите двајца пратеници што доаѓаат на местата на сега министерките Славјанка Петровски и Бисера Костадиновска. Пратениците од власта сметаат дека не би требало да има проблем пратеникот Зендели да биде сменет со пратеник од мнозинството, односно со претставник од Алтернатива и да се избере нов претседател од СДСМ. Зендели не се согласува да биде сменет од Комисијата откако неговата партија е во опозиција, а на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ се брза.

– Ако СДСМ инсистира на смена на Зендели за да има мнозинство во Комисијата за избори и именувања, прво треба да ги смени претседателите на комисиите за култура и за здравство со кои претседаваат „европратеникот“ Кастриот Реџепи и Хусни Исмаили од Алтернатива, кои сега се дел од владејачкото мнозинство – вели пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата велат дека ќе бараат претседателот на Собранието Талат Џафери да ги стави на дневен ред опозициските предлози и да се расправа за нив, како што се информациите за трагедијата со автобусот на „Беса транс“ како и за изгорената модуларна болница во Тетово. По ова, неизвесно е дали власта и опозицијата ќе се договорат, а со тоа и кога на дневен ред ќе дојде изборот на уставните судии и апанажите за ексминистрите.

Осум поранешни министри, заедно со експремиерот Зоран Заев, побарале апанажа, меѓу кои и Никола Димитров, Мила Царовска и Аријанит Хоџа. На Хоџа и на заменикот во култура од Беса, веќе им се одобрени апанажите. Добивме информација и дека ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска побарала апанажа. По истекот на министерувањето, на своите работни места се вратиле поранешниот министер за здравство Венко Филипче – на Клиниката за неврохирургија, ексминистерката за труд Јагода Шахпаска – во Здравствениот дом во Пехчево, ексминистерката за култура – во Институтот за национална историја и експремиерот Зоран Заев во некоја од неговите фирми.

Според Законот за плати и други надоместоци за избрани и именувани лица, доколку некој бил на функција до шест месеци, има право на апанажа од три месеци. Ако извршувал јавна функција од шест до 12 месеци, има право на апанажа во рок од шест месеци. Ако лицето извршувало функција од 12 до 24 месеци, апанажа ќе добива девет месеци, а ако бил на функција повеќе од две години, има право на надоместок една година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот