Димитров: Бугарското вето не беше добро ниту за Европа, ниту за регионот

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Денот кога Бугарија стави вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија не беше добар, ниту за Европа, ниту за европската перспектива на нашиот регион, а особено не за нас, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за виенскиот весник „Стандард”.

Тој потенцира дека бугарското вето испраќа многу лош сигнал за регионот на Западен Балкан дека ЕУ не го препозна она што досега го постигна земјава, која во последните три и пол години ги реши проблемите со соседите, направи големи чекори кон отворено, демократско и мултиетничко општество и спроведе реформи за изградба на правна држава.

„Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас“, вели Димитров во интервјуто.

Сепак, според Димитров, сега сакаме да го спречиме очајот и национализмот и затоа и доколку не можеме да го одблокираме бугарското вето, се свртуваме кон пријателските држави од Унијата, за да можеме да ги постигнеме европските стандарди без процесот на пристапување кон ЕУ.

– Ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време, вели Димитров.

Вицепремиерот нагласува дека земјава не се откажува од разговори со Софија, но потенцира дека нема да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го говориме.

– Тоа е дел од еден историски процес, а не политичка одлука. Ние му ја должиме на нашиот народ заштитата на своето достоинство и идентитет, истакнува Димитров, додавајќи во Европа во 21 век не би требало да има простор за ваква расправа, бидејќи нашиот јазик е наша работа, а ставањето под знак прашалник на јазикот и идентитетот на соседот не е добрососедство, а во 2020 година не е ни пристојно.

Вицепремиерот за евроинтеграција потенцира дека тоа „кои сме ние – имено Македонци – и кој јазик го говориме – имено македонски” – е всушност внатрешно прашање и прашање на самоопределба.

– Тешко е да се разбере дека во член 3 од Договорот од Лисабон, ЕУ го признава почитувањето на културната и јазичната разноликост, а истовремено македонскиот јазик претставува пречка за почеток на пристапни преговори. Ова не е предизвик само за нас, туку и за Европската Унија како заедница на вредности. Овде, во региониот, ние имаме богата историја, но очигледно не успеваме да создадеме доволно иднина, истакнува Димитров.

Тој потесетува дека со Договорот со Бугарија беше формирана Мешовита комисија од историчари, кои треба да расправаат за историски прашања, но, како што нагласува, во последните неколку недели и месеци расправата за историските прашања стана доминантна и го поткопува политичкиот процес и меѓусебните односи.

– Бугарските историчари ги отфрлуваа оние извештаи во кои се појавуваше придавката „македонски”. И така ова прашање на идентитет стана пречка во работата на Комисијата. Но искрено: доколку совршениот договор на сите страни за историските прашања би бил предуслов, тогаш Европската Унија никогаш немало ни да се создаде. Во модерната наука концептот на „историска вистина” е застарен. Сега се говори за мултиперспективизам. При пристапувањето треба исто така да станува збор за тоа, за усвојување на правото на Заедницата и европските принципи, а не централно прашање да биде историјата, истакнува вицепремиерот за европски прашања.

Димитров нагласува дека земјава има огромна поддршка за старт на пристапните преговори, додавајќи дела германското претседателство со Унијата ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември.

– А ние и понатаму ќе внимаваме на тоа никому да не му дадеме причина да нè блокира. Но, тоа не значи дека ќе се преговара за нешто за што не може да се преговара. Ние ќе ја европеизираме Северна Македонија на овој или оној начин. Ако постои достоинствено решение за овој предизвик ние во целост ќе го искористиме пристапниот процес; ако тоа не е можно, тогаш ќе ги искористиме мрежите на нашите пријатели и ќе работиме на тоа да ја одржуваме земјата во добра форма за кога ситуацијата ќе се промени, истакнува Димитров во интервјуто за „Стандард”. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот