Димитров: 10 милиони евра за спортски ваучер и стаж за спортистите

До крајот на 2024 година, според Димитров, овој фонд ќе се зголеми и ќе изнесува 16 милиони евра.

Никола Димитров, носител на кандидатската листа за пратеници во ИЕ1 на коалицијата „Можеме”, заедно со кандидатите за пратеници Дарко Каевски и Горан Мисовски, како и градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски денеска се сретнаа со спортски работници од Кисела Вода.

-Нема поголем амбасадор од спортот. Спортска нација е и здрава нација. Оттука, инвестиции во спортот се истовремено и инвестиции во здравјето, рече Димитров.

Тој најави продолжување на вложувањата во спортот.

– Спортскиот ваучер, како дополнителен извор за финансирање на спортот кој значително го подигнува нивото за развој на квалитет и ја зголемува финансиската моќ на спортските клубови во моментов изнесува 10 милиони евра, кои веќе се распределени кон спортските федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти, преку системот спортски ваучер за 2020 година, рече Димитров.

До крајот на 2024 година, според Димитров, овој фонд ќе се зголеми и ќе изнесува 16 милиони евра.

-На овој начин клубовите и федерациите можат да обезбедат сигурен партнер во финансирањето на нивните програми, рече Димитров.

Кандидатот за пратеник Дарко Каевски рече дека во програмата на коалицијата „Можеме” се предвидува и признавање на стажот на спортските работници и оти на овој начин тие ќе бидат обезбедени и по завршување на нивната спортска кариера.

На средбата се зборуваше за капиталните инвестиции во спортската инфраструктура кои што се реализирани во последните три години, меѓу кои реконструкции на повеќе од 20 спортски објекти низ земјава, изградба на 14 затворени пливачки базени од кои шест веќе се градат, како и изградба на 10 кошаркарски игралишта во десет општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот