Димитриевски: Во Куманово се случуваат страшни сценарија од МВР и Спасовски, за тоа не се боревме

Актуелниот градоначалник и независен кандидат за Куманово, Максим Димитриевски, во интервју за „Фокус“ вели дека заедно со неговите поддржувачи се соочува со притисоци од страна на МВР и тврди дека министерот Оливер Спасовски го злоупотребува министерството за партиско-политички цели. Димитриевски ги повикува гласачите од сите политички партии кои не влегоа во втор круг, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ/ЛДП, да гласаат за него во вториот круг.

„Во Куманово ќе победат кумановци, без оглед на нивната етничка, партиска или каква било друга припадност. Како градоначалник работам за секој граѓанин, заеднички ги решаваме проблемите и сакам тие да имаат подобар живот. И во следниот мандат ќе продолжам со ваков пристап, затоа што општина Куманово е на сите граѓани и таа мора подеднакво да им служи на сите“, вели Димитриевски.

На прашањето кога и како се јавил аномозитет меѓу него и Оливер Спасовски, актуелниот кумановски градоначалник вели дека во целиот период откако беше исклучен од СДСМ и откога најави независна кандидатура за втор мандат, тој и неговата екипа се соочуваат со разни притисоци „од страна на поединци од власта кои ги злоупотребуваат државните институции“.

„За жал, овие притисоци кон мене како кандидат за градоначалник, но и врз моите соработници, не само што не престануваат во изборната кампања, туку тие се повеќе се зголемуваат. Уште на самиот почеток информиравме дека се соочуваме со страшни притисоци како граѓанска иницијатива, но и апелиравме дека се врши притисок врз кумановци, врз вработени во јавната администрација, во средните и основни училишта, врз членови и симпатизери на Социјалдемократскиот сојуз. Од централната власт и поединци од раководни позиции нѐ напаѓаа дека сме ги злоупотребувале институциите во пресрет на изборите. Лажно ги претставуваа работите, но со докази излеговме дека токму тие вршат злоупотреба на својата позиција. Обелоденивме со докази дека испраќаат смс пораки и вршат притисок на вработени во државните институции за да доставуваат списоци со 10 до 15 гласачи“, вели Димитриевски.

„Јас и со Заев имав искрен однос, мојата намера да одам како независен кандидат му ја кажав лично пред да излезам во јавност. Јас директно ги кажувам работите, не сум класичен политичар кој прави калкулации со кажаниот збор. За мене една е калкулацијата – вистината мора да се каже, а сопствениот став треба да се каже јасно за да нема недоразбирања. Во Куманово сега се случуваат страшни сценарија од страна на МВР и Оливер Спасовски и тоа личи на се, ама не на демократија за која се боревме,“додава тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот