Димитриевски: Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено

Максим Димитриевски
Максим Димитриевски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член и воедно со нетрпение ја очекувам седницата на ЦО на која ќе разговараме и за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба, напиша на Фејсбук градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, како реакција на изјавата на генералниот секретар Љупчо Николовски дека СДСМ ќе се обиде да го врати Димитриевски во партијата.

– На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно – клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес.

Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека „зборот е збор“.

Граѓанскиот концепт “За наше Куманово” е формиран токму поради различностите со владата и несогласувањата со дел од раководството на нашата партија и убедливо ја доби поддршката на кумановчани кои за нас се приоритет во моментов.

Оваа силна поддршка за мене и луѓето од овој концепт е мотив повеќе за поголема посветеност во трансформацијата на Куманово, но и во борбата за поголема демократизација на државата.
Изминатиот период притисоците кон мене и нашите поддржувачи беа огромни, доаѓаа од луѓе кои се нарекуваат “мои сопартијци”, нема простор за разговор ниту договор со такви кои што срушија се, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи.

Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела, стои во неговата објава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот