Димитриевски: Не сум договорил коалиција со ниту една партија

Максим Димитриевски во гостување на ТВ Сител / 26 октомври 2021 / фото: ТВ Сител/принтскрин

Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски, во вечерашното гостување на телевизија Сител, рече дека граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ „ја има предноста затоа што добива поддршка од сите политички партии“.

„Жално е што на пример субјектот кадешто се уште сум член падна на една бројка од околу 7.000 гласови. И денеска се поставува прашањето, каде се гласовите на СДСМ? И зошто од 27.000 спадна на една толку ниска бројка на гласови, а дополнително ние ја добиваме поддршка од сите и од членови и симпатизери на СДСМ, и од членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, и од албанските партии, најважно и од оние кои се подзаборавени со децении, а тоа се неопределените кои велат „не припаѓам ни таму, ни ваму“,“ рече Димитриевски осврнувајќи се на резултатот на неговата доскорешна партија, СДСМ.

„Сега се токму тука, во граѓанскиот концепт „За наше Куманово“, бидејќи даваме еднакви права и можности на сите. Кај нас нема приоритет, кај нас приоритет се граѓаните. Немало предизборни коалиции, доколку имаше тогаш ќе имаше кандидати на тие политички партии. Но, секоја поддршка е добредојдена. Ја барам поддршката и од моите социјалдемократи, еднаш засекогаш да се испрати порака дека Куманово ниту можело, ниту пак може да биде приватна сопственост, а најмалку приватна фирма на поединци“, додаде Димитриевски.

Тој рече дека во рамки на кампањата не го користи зборот „ќе“, туку „ние направивме“. Во изминатиот период реализирани се голем број на проекти, како 13 современи нови игралишта, нови детски катчиња, нов парк, а со исто темпо ќе се продолжи да се развива Куманово, најави Димитриевски, кој во вториот круг ќе се бори за нов мандат со противкандидатот од СДСМ, Оливер Илиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот