Димитриеска-Кочоска: Економскиот раст од 3,7 проценти ќе се оствари, имаме реални проекти
Досега немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. На пример, полесно било да се префрлаат субвенции на земјоделците, наместо да им се овозможи да имаат вода во каналите. И потоа, немаме земјоделско производство. Па, ќе немаме! – коментира Димитриеска-Кочоска.
Првите реакции по презентирањето на Предлог-буџетот за 2025 година најмногу се однесуваа на проектираниот висок економски раст од 3,7 проценти на бруто-домашниот производ. Овој раст е значително повисок од проекциите на Светска банка од 2,5 проценти и малку повисок од предвидениот од ММФ од 3,6 проценти. Врз прогнозите на економскиот раст се темели целиот планиран буџет, затоа промашените проекции би ги поматиле сите сметки. Но, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на средбата со новинарите рече дека сака да ја расчисти оваа дилема и потенцираше дека ваков економски раст може да се постигне затоа што за првпат се темели на реални капитални проекти.
– Во Буџетот се предвидени околу 830 милиони евра за капитални инвестиции. Тука се инфраструктурни проекти што според анализите на Министерството за транспорт и врски реално се остварливи. Тука се и разни други проекти од областа на транспорт, земјоделие, справување со отпад, потоа реконструкција на студентски домови, доградба на училишта. Сите тие проекти, ние ќе ги спроведеме и оттука пресметките за економски раст од 3,7 проценти -тврди министерката.
Таа објаснува дека досега немало реално прикажување вистински капитални проекти и многу често голем дел биле трансфери до јавни претпријатија. Инаку, таа наброја многубројни проекти за кои сме имале пари, а не сме имале никаква реализација. Меѓу нив спомена дека уште од 2020 година имало пари за регионална депонија за отпад, а реализацијата досега е 1 процент, потоа дека уште во 2021 година од Европската инвестициска банка биле одобрени пари за автопатот Скопје – Блаце, а од Европската банка за обнова и развој за Букојчани – Кичево и праша зошто досега не се изградени.
– Немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. На пример, полесно било да се префрлаат субвенции на земјоделците, наместо да им се овозможи да имаат вода во каналите. И потоа, немаме земјоделско производство. Па, ќе немаме! – коментира Димитриеска-Кочоска.
Буџетот за 2025 година треба да се најде пред пратениците во Собранието. Тие на маса ќе имаат приходни ставки за 5,8 милијарди евра и расходни за 6,6 милијарди. Буџетот за в година е поголем отсега ребалансираниот за 10 проценти на расходна страна и за 13 проценти на приходна страна.
Министерката рече дека ќе има повеќе пари за плати, за пензии и за социјално осигурување.
– Платите ги има во повеќе ставки. Покрај онаа што е посебно издвоена и која изнесува околу 50 милијарди денари, платите се содржани и во износот за блок-дотации што се однесуваат на платите во образованието, а кои се 22 милијарди денари и на сметка Функции на државата има 2 милијарди денари, а колку ќе се потрошат од нив, зависи од тоа каква минимална плата ќе се договори на Економско-социјалниот совет што треба да заседава в понеделник. За платите во Министерството за здравство и во Фондот за пензиско, ние немаме увид – рече министерката.
Ова значи дека без двата фонда, платите за кои се издвојуваат пари од Буџетот тежат околу 1,2 милијарди евра.
Министерката уште еднаш потенцираше дека пензионерите од март идната година ќе добијат уште по 2.500 денари, но како што објасни, не треба да чекаат септемвриско усогласување, затоа што според сегашната методологија, тоа е невозможно.
– Пензијата се усогласува од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи, објавени од Државниот завод за статистика. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата. Реално, сега ќе имаме негативни ставки и во однос на инфлацијата, и во однос на порастот на плати, иако ќе го има, ќе биде помал во однос на претходното полугодие – објасни Димитриеска-Кочоска.
За социјалните надоместоци во буџетот за 2025 година се предвидени 14,5 милијарди денари (235,8 милиони евра) или 500 милиони денари (околу 8 милиони евра) повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година.
– Барањата беа за многу поголем износ. Но, ние често, а и сега кога бевме во Светска банка, сме опоменувани дека имаме слаба реализација. Имаше проект за единствен регистар во кој ќе се прикажат сите приматели на социјални надоместоци, но тој никако да се реализира. Единствениот регистар треба да покаже по кои сè основи едно лице прима надоместоци, а сега немаме увид во тоа. Затоа, ставката за социјални надоместоци постојано расте. Во 2018 била 9,4 милијарди, бараа 18 милијарди за 2025 година, а одобривме 14,5 милијарди – вели министерката.