Дилема на многу родители: Дали зимава против грип треба да се вакцинираат и децата?

Вакцинација на деца против ковид-19 / Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Во пресрет на почетокот на секоја зима, лекарите ги повикуваат старите и болните да се вакцинираат против грипот, а младите и здравите деца не се во нивниот фокус, но оваа зима тоа би можело да се промени.

Со оглед на пандемијата на коронавирусот, лекарите низ целиот свет сѐ повеќе се склони кон тоа, во пресрет на оваа сезона на грип да се вакцинираат и децата. Бидејќи децата можат да го пренесат вирусот на грипот, како еден од аргументите за нивното вакцинирање се наведува олеснувањето на товарот врз здравствениот систем.

Германскиот инфектолог Бернд Салцбергер, лекар во Универзитетската болница во Регенесбург, вели дека заштитата на бабите и на дедовците е една од причините зошто вакцинирањето на децата е добра идеја, бидејќи комбинацијата на грип и ковид-19 може да се покаже како фатална за старите лица.

Многу лекари се согласуваат со тоа, а американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вели дека „вакцинацијата против грип во сезоната 2020-2021 е најважната досега“.

Сепак, многу родители се двоумат. Една од причините е фактот дека децата на училишна возраст релативно добро го поднесуваат грипот, вели Салцбергер. Но, ако детето го „закачи“ вирусот во градинка или во училиште, може да го пренесе на постарите членови на семејството, на кои грипот многу потешко ќе им падне.

И не треба да заборавиме дека коронавирусот сè уште претставува голема закана, напоменува германскиот инфектолог.

Можно е да имате коронавирус и грип истовремено и тоа во никој случај не е добра ситуација.

Вакцината против грип едноставно намалува дел од опасностите. Таа е сигурна за децата постари од шест месеци, велат од Институтот „Роберт Кох“, германски центар за контрола на болести.

Би било идеално, велат лекарите, да се вакцинираат некаде околу крајот на октомври и почетокот на ноември, бидејќи оптималниот заштитен ефект настапува две недели подоцна и потоа полека попушта во следните три месеци.

Сепак, најважно е да се вакцинираат лицата над 60 години, трудниците, лицата со хронични болести и здравствените работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот