Диктатор со добра намера

Марин Гавриловски

Колку и да звучи еретички, само една личност што би имала морален, политички и секаков друг интегритет и чии намери би биле чесни и родољубиви, без да биде ограничена од никого, може да застане на пат на уништувањето на државата и повторно да изгради нови и способни институции.

Дали сметате дека сеопштата и длабока криза во која се наоѓа нашето општество може да се реши по институционален пат и со употреба на стандардните процеси и алатки на модерните демократии? Мојот одговор е негативен.

Сметам дека корупцијата, неказнивоста и неспособноста на институциите да ги извршуваат основните дејности за кои се основани не можат да се решат по институционален пат, со примена на вообичаените демократски инструменти, какви што се избори, формирање влада и парламент, потоа судски систем и сл. Проблемите се до таа мера ескалирани и метастазирани, што тие се навлезени и во најмалите пори на државната администрација.

Основниот проблем, кој е веќе детектиран е, пред сè, корупцијата (и тоа со големо К). Од министер до портир во некое локално претпријатие за стопанисување со водата (како и сите други функционери и службеници во тој меѓупростор, какви што се заменици, директори, секретари, референти, млади и стари) се преокупирани со тоа на кој начин може да земат дел од државните пари и да ги стават во својот џеб. Тендер, јавна набавка, донација, што и да е, се прави така за во средствата предвидени за нивна реализација да има дел што би им се понудил на претставниците на државата, со цел да се олесни патот до реализација на проектот. Тоа е јавна тајна за која многу не се зборува, но секој ја знае, а многу од нас и биле директно или индиректно вклучени во некој процес што резултирал со коруптивна зделка.

Поткупливоста на судскиот систем и неказнивоста се вториот многу битен сегмент што значително придонесува кон деградација на државата и на нејзините институции. Ни оддалеку не се гледаат макар и најситни чекори што би оделе кон тоа некогаш да се среди состојбата во судството и тоа, колку-толку, подносливо да функционира.

Неспособноста на раководните кадри во институциите, кои на тие места се поставени по партиски клуч, не водејќи сметка притоа ниту за професионалниот, менаџерскиот, ниту за моралниот интегритет и способност, резултира со неможност на институциите да ги извршуваат дејностите за кои се основани, како сервис за задоволување на потребите на граѓаните.

Ниту едни избори, ниту една (ни повеќе) партија, ниту една институција не можат, користејќи ги законски регулираните процедури, да успеат да застанат против оваа стихија и да ги вратат работите во онаа состојба кога државата функционираше. Процесот на деградација на државата почна со владеењето на Никола Груевски и неговата банда. Во повеќе наврати е објаснето до кој степен тој ги извитопери институциите и го корумпираше системот. Познато е правилото што вели дека последиците од еден штетник – десетмина не можат да ги оправат. За жал, ниту владите кои се формираа по Шарената револуција не можат да се пофалат со некои резултати во оваа сфера. Тие не само што не застанаа на патот на корупцијата и криминалот, туку некои поединци продолжија (со помалку умешност) да ги копираат своите претходници (замислувајќи се дека некогаш ќе станат Мијалков, ситуација за која нашиот народ вели: видела жабата дека го потковуваат коњот, па ја кренала ногата). Со тоа системот ја пропушти единствената шанса од Македонија да направи  пристојна земја за живеење.

Дека е тоа така, говорат и фрапантните бројки на граѓани што својата среќа ја бараат во странство. Тоа е вистински егзодус, геноцид над нашето население чие иселување не може да се спореди со страдањата на нашиот народ во минатото, кога окупаторот или непријателот биле тие што биле против народот. Сега тоа се нашите политичари и раководители, кои до таа мера го уништија општеството, што може да се каже дека оние малку луѓе што останаа во Македонија, живеат во стада, раководени од инстинктот на глутници (волци).

Кој начин би овозможил враќање на довербата во државата и во системот? Колку и да звучи еретички, единствено систем во кој со цврста рака ќе се раководат институциите по принципите на чесност и способност, контролирани само од една личност што би имала морален, политички и секаков друг интегритет и чии намери би биле чесни и родољубиви, без да биде ограничена од страна на никого, може да застане на пат на уништувањето на државата и повторно да изгради нови и способни институции.

За да се запазат позитивните правни норми, граѓаните на референдум би се изјасниле за тоа дали се подготвени целокупната власт во државата да ја дадат на една личност, која потоа би имала неограничени права прво да ги распушти, па потоа повторно да ги формира институциите. Првиот принцип кој треба да се воспостави е секој кој ги прекршува правилата за тоа да одговара. Треба да се формира специјален суд кој брзо и ефикасно би процесирал неколку стотици предмети поврзани со висока корупција и криминал во кои би биле обвинети високи претставници од најголемите политички партии и претставници на бизнис-заедницата кои изминативе години учествувале во криминални дејанија. Тие одлуката на судот треба да ја чекаат во притвор, а по неа целокупниот нивен имот да биде запленет. Откако тие луѓе ќе бидат спроведени на издржување долгогодишни затворски казни, може да се пристапи кон повторно формирање на институциите кои во меѓувреме ќе бидат распуштени. Секако, овој процес треба да се ограничи на околу пет години, време доволно да се воспостави нов систем. Знам дека е ова утопистичко размислување, отстапување од демократските начела, но што друго ни преостанува освен голем општествен ресет? Демократијата во Македонија е најсилуваната мома на Балканот. Можеби уште деценија очај? Македонија ќе се сведе на географска област без население.

Верувам дека граѓаните, на кои им е преку глава од тоа да бидат третирани како стока од страна на политичкиот естаблишмент многу лесно би се согласиле на оваа солуција и би прифатиле (временски ограничена) рестрикција на нивните права и слободи во замена за формирање пристојна и функционална правна држава во која институциите ќе бидат сервис на граѓаните.

Главниот проблем е што таква личност, барем  јас, не гледам никаде на хоризонтот. А најмалку во оние личности што во изминатиов период манифестираа диктаторски манири, како носење црни кошули и сл. Ним секако треба да им се забрани да се занимаваат со политика. Колку и утопистички да изгледа оваа солуција, по мое мислење, таа е единствениот начин на кој може да се реши оваа длабока криза во која западна нашето општество.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот