ДИК распиша тендер за гласачките ливчиња за изборите во Штип и Пласница

Гласање на предвремени парламентарни избори 2020/ Фото: Драган Митрески

Тендерот за гласачките ливчиња и изборниот материјал за изборите за градоначалник во општините Штип и Пласница е распишан денеска од страна на Државната изборна комисија.

Роковите за спроведување на изборите си течат, а Општинските изборни комисии се подготвуваат за изборите на 13 декември, кога е првиот и на 27 декември, вториот изборен круг. Но, во Штип партиите се уште не се изјаснуваат со кои кандидати ќе излезат на изборите и ќе ги убедуваат граѓаните.

Новиот градоначалник ќе има мандат од само девет месеци. Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицковски на последното интервју во емисијата „Што мисли народот” на штипската регионална телевизија Стар рече дека ќе се разгледува можноста дали и официјално поради растот на новозаболени и хоспитализирани од коронавирус ќе побара одложување на изборите  за градоначалници во Штип и Пласница. Претседателот на ОК на ВМРО – ДПМНЕ-Штип, Иван Јорданов за МИА вели  конечната одлука за официјалниот партиски став ќе се носи на седница на Извршниот комитет.

– Седницата на Извршниот комитет ќе се одржи деновиве, изборите во Штип ќе бидат една од точките, откако ќе изградиме партиски став ќе го изнесеме во јавноста, вели Јорданов.

Претседателот на ОО на  СДСМ-Штип, Александар Кангалов  вели дека засега не размислуваат за одлагање. Како партија ги  следат законските рокови и се подготвуваат за избор на градоначалник, чија кандидатура во Општинската изборна комисија треба да се поднесе до сабота на полноќ.

-Ги имаме сите опции во предвид. Ја следиме внимателно состојбата со пандемијата, но за одложување не сме размислувале. Ако стигне официјален предлог од која било страна ние ќе го разгледаме по што како партија ќе изградиме став, вели Кангалов.

Според Државната изборна комисија изборите за градоначалник во Штип и Пласница може да се одложат, доколу  претседателот на Собранието, Талат Џафери го измени решението за нивно распишување, но тоа се прави по претходен договор на политичките партии. Се додека нема формална одлука активностите предвидени со изборните рокови течат. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот