ДИК ќе формира работна група за меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици

Државна изборна комисија / Фото: МИА

На денешната јавна седница на Државната изборна комисија, членовите едногласно ги усвоија предлог-измените на годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки на ДИК во 2023 година, предлог – етичките кодекси за изборната администрација и за членовите на ДИК, како и предлог-одлука за формирање на работна група за меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици.

За формирањето на меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици, членот Бобан Стојаноски информираше дека се работи за континиуитет и дека вакво тело имало и во претходните изборни процеси.

-Но сега сакаме да му ставиме поголемо значење на ова тело и да стане постојано и кое ќе се грижи за ИТ безбедноста на ДИК и вон изборен процес, истакна Стојаноски.

Ова работно тело ќе биде составено од преставници од МВР од сектор за кибер криминал, од интернет кибер провајдери, ИТ секторот во ДИК, делот од односи со јавност во ДИК, независни експерти по информатичката технологија, од претставници од високо образовни установи…

Претседателот на ДИК Александар Даштевски појасни дека формирањето на такво тело е во насока на зголемување на кајбер безбедноста, која, според него, е општ проблем во општеството, како превентивна мерка и креирање планови за реакција на кибер закани.

Поради краткиот период од времето на распишување избори до нивно одржување, според потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху се појавила потреба за измена на Годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки на ДИК во 2023 година, преку спроведување на јавните набавки со рамковни спогодби.

Предлог измените на годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки на ДИК во 2023 година, како што појасни, се однесува на изработка, печатење и транспорт на недоверлив и доверлив материјал, дизајнирање и печатење прирачници, едукација на изборни органи и промотивен материјал, како и избор на пи-ар агенција за обука на гласачите.

-Целта е зголемување на ефикасноста и ефективноста во спроведување на јавните набавки да не дојдеме до ситуација заради краткиот период да имаме постапки со преговарање. Затоа Државната изборна комисија се одлучи за наредните избори, редовни паралментарни и претседателски да одиме со спроведување на рамковни спогодби. Набавките ќе бидат транспарентни, ќе бидат објавени во електронскиот систем на Бирото за јавни набавки и ќе ја зголемат конкурентноста на самите набавки, истакна Шеху.

Во однос на предлог етичкиот кодекс за изборната администрација, потпретседателката рече дека со кодексот се пропишуваат етичките правила и стандарди во однесувањето на изборната администрација. За непочитување на кодексот, нагласи, администрацијата одговара согласно законите за административни службеници и за работни односи.

Целта на етичкиот кодексот за членовите на ДИК, според членот Бобан Стојаноски е зголемување на довербата на граѓаните и јавноста, почитување на уставноста и законитоста при вршење на своите должности, одржување на независноста, непристрасноста, одговорноста и професионалноста во работењето и јакнењето на интегритетот на членовите на ДИК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот