ДИК го промовираше првиот Прирачник за млади гласачи

Инклузивен пристап и мотивирање на поголемо младинското учество во сите изборни циклуси е целта на првиот „Прирачник за млади гласачи” кој го издаде Државната изборна комисија (ДИК) во соработка Мисијата на ОБСЕ, соопштуваат од ДИК.

Оттаму потенцираат дека прирачникот претставува иницијатива за воспоставување на понепосредна и поголема двонасочна комуникација помеѓу ДИК и младите луѓе, со цел на лицата кои за прв пат гласаат да им се обезбеди полесен пристап во рамки на изборните процеси, како и соодветно информирање за нивните права, можности и законски обврски.

– Главна цел на ДИК е да ги вклучи сите гласачи во изборниот процес и да ја зголеми свесноста за учеството во општествените активности, истакна потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху на онлајн настанот за промоција на „Прирачникот за млади гласачи”.

– Голем акцент ставаме на младите луѓе и ќе бидеме особено среќни доколку секој од нив се вклучи во изборните и другите процеси на одлучување во земјата. Како институција веќе правиме напори овој Прирачник да го издадеме и во други форми кои се полесно достапни за младите луѓе. Исто така, во соработка со нашите партнери од Мисијата на ОБСЕ веќе организираме различни иницијални обуки базирани на Прирачникот со кои дополнително очекуваме да го покренеме интересот и знаењата поврзани со потребата од учество на избори, особено на младите генерации, посочи Шеху.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје амбасадорот Клеменс Која истакна дека гги здружиле силите со ДИК со цел да помогнат во зголемувањето на учеството на младите гласачи.

– На младите би им порачал: вашиот глас е важен. На вас е да ги внесете своите идеи, вашите грижи и приоритети и вашата енергија во политиката во оваа земја. Иако постојат и други начини да се чуе вашиот глас, како на пример на социјалните мрежи, гласањето е најефективниот начин да се направат политички промени. Особено на локално ниво имате моќ да направите вистинска разлика во управувањето со вашите заедници, истакна амбасадорот Која на настанот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски посочи дека младите точно знаат во каков свет и држава сакаат да живеат, што им е потребно, каде сакаат да работат, но и колку сакаат и сметаат дека треба да заработуваат.

– Токму затоа е важно младите да се вклучат и да учествуваат во носењето на одлуки, почнувајќи од користењето на своето право на глас во рамки на изборните процеси. Гласот на младите ќе биде јасна насока какви политики ќе се креираат во однос на нив и нивната иднина. На нашето општество му се потребни младите и тоа е клучното што треба да им го кажеме – потребни сте ни вклучени, активни и влијателни, додаде Мојсовски.

Автори на прирачникот се Бојан Кордалов – комуниколог, во својство на независен консултант, Адмир Шабани, раководител на Секторот за едукација при ДИК, како и Нина Шуловиќ – Цветковска и Јасмина Тодоровска – Митева од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

– Прирачникот е изработен во рамките на проектот „Поддршка на демократското управување и процесите на инклузија” на Мисијата на ОБСЕ во Скопје кој се спроведува во соработка со Државната изборна комисија, објаснуваат од ДИК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот