ДИК ги потврди кандидатурите за Град Скопје: Две жени и 10 мажи, кои се 12-те кандидати за градоначалник

Дел од кандидатите за градоначалник на Скопје/ Фото: Фејсбук

Државната изборна комисија на својата интернет страница ги потврди кандидатурите за градоначалник на Град Скопје, поднесени од 12 кандидати, додека за 45-те места во Советот на Град Скопје со свои листи ќе се борат 15 политички партии, коалиции и независни граѓански групи.

Противкандидати на актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов кој ќе се бори за реизбор, како кандидат на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, а поддржана од ДУИ,  се и музичарот Перо Георгиевски – Камиказа, поддржан од Левица, Мунир Колашинац, претседател на Бошњачкиот демократски сојуз, кандидат на оваа партија, Славе Несторовски, кандидиран од ТМРО, екс пратеникот Љубомир Јосифовски поддржан од партијата Демократи, Горан Арсовски од Комунистичката партија на Македонија, Владимир Трајковски од партијата Родина, хирургот д-р Тодор Ношпал поддржан од Интегра, адвокатот Александар Тортевски од Твоја партија и музичарот Бени Шаќири, кандидиран од коалицијата „Движење одлучно за промени“.

За градоначалничката фотеља во Град Скопје ќе се борат и две жени: претседателката на Сојузот на Стопански комори Данела Арсовска, дипломиран правик со мастер од економија, поддржана од група граѓани и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ како и од Алијанса на Албанците и Алтернатива и Ана Петровска, поранешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина, кандидат на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, инаку архитектка по професија и истакнат екологист.

ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Кој има најмногу шанси на локалните избори

Без свои кандидидати за градоначалник на Скопје, но со кандидатиски листи за советници ќе се бори ВМРО-ДПМНЕ, чиј носител на листата е професорот Трајко Славески, ДПА со носителот на кандидатската листа Неџмедин Коџа како и ДУИ кои како носител на листата го кандидираа Ардијан Муча, додека Кадри Хаџихамза е носител на листата на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Другите носители на советничките листи се: Реџеп Исмаил на Левица, Бедро Хот од Бошњачкиот демократски сојуз, Софија Пејкова од коалицијата предводена од СДСМ „Најдоброто за мојата општина“, Александар Шехтански од партијата ТМРО, Љубомир Крстевски, носител на листата на партијата Демократи, д-р Никола Пановски носител на листата на коалицијата „Движење одлучно за промени“, Драгана Велковска од граѓанското движење „Зелен хуман град“, Агим Јонуз, носител на листата на Твоја Партија, Томче Ширков од партијата Родина и Стојан Блажевски од Интегра – Македонска конзервативна партија.

Според роковникот за локалните избори 2021, ДИК утврдените единствени листи на кандидати е должен да ги објави на својата интернет страна најдоцна до 23 септември по што ќе биде организирана ждрепка за утврдување на единствена листа на кандидати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот